Миленковски: Универзитетот за туризам и менаџмент 17 години е посветен на знаењето

Во преполната сала на Македонската опера и балет, во присуство на амбасадори, градоначалници, претставници од државите институции, родители и студенти, вечерва се одржа Промоцијата на четиринаесеттата генерација дипломци и на дванаесеттата генерација магистри на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.

Ректорот, проф. д-р Аце Миленковски, кој им се заблагодари на присутните за одвоеното време, истакна дека Универзитетот за туризам и менаџмент седумнаесет години создава знаења и генерира успешни кадри во областа на туризмот и менаџментот. Дипломците на Универзитетот се врвни професионалци, кои работат во реномирани компании на менаџерски позиции.

  • Без минато нема иднина, без традиција нема креација, а без работа, нема напредок. Тоа сме ние, Универзитетот за туризам и менаџмент – традиција, креација и работа, многу работа“, порача Миленковски во неговиот искрен и емотивен говор.

Според Миленковски, само споделеното знаење има моќ да создава нови светови, нова реалност, и да ја придвижи земјата напред. „Тоа е нашата мисија, да создаваме и да споделуваме знаења!“, истакна Миленковски, додавајќи дека Универзитетот се стреми кон одличност во образованието, за што има добиено диплома за квалитет од Светската туристичка организација при Обединетите нации.

Најдобрата дипломка на Универзитетот, Марија Спиркоска, во искрениот говор со кој им се обрати на присутните од името на сите дипломци, нагласи дека Универзитет е уникатен по многу нешта, а дипломите се признаени во целиот свет.

За најдобрата магистерка Марија Стоилковска-Божиноска, Универзитетот е  бренд синоним за иновативност и за квалитет, лидер во високото образование.

На настанот беше изведена балетската претстава „Simply the best“, во кореографија на Олга Панго, која во седум слики ги претстави моментите што се помнат од образовниот процес – да се биде прваче, матурант, дипломец.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста