Меџити удри по вечниот лидер: Артан Груби е клан, Али Ахмети негов заштитник во ДУИ

Груби е клан, Ахмети негов заштитник во ДУИ. Ваква била перцепцијата на членството, ако веруваме во зборовите на Изет Меџити, главниот меѓу фракционерите кај интегративците. Сепак повторно без одговор остана прашањето што ќе се случи ако Ахмети сепак не се откаже од своите најблиски соработници, првиот вицепремиер и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Наместо конкретен одговор, вели дека Ахмети бил неприкосновен лидер, но не требало да фаќа страна.

-Впечатокот кај членството е дека Груби функционира како клан и Ахмети е како заштитник на тој клан. Мислам дека треба да се врати на првобитната функција, претседател на ДУИ, неприкосновен од сите, како што функционирало во минатото и кога имало поделби во мислењата и размислувањата он бил тој што на крај, ги седнувал пресекол, никогаш не фатил страна, изјави Меџити.

Внатрепартиската поделеност во ДУИ од партиските канцеларии се пресели и на терен. На одделни средби со членството одат од една страна Ахмети заедно со Груби, Османи и Талат Џафери, а од друга фракционерите. Ахмети не сака да ги споменува внатрепартиските проблеми, порачувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не смееле да се надеваат да направат Влада без ДУИ.

Не ми се допаѓаат сојузите што ги прават ВМРО. Грешат ако мислат со Левица да направат 61 мандат и да ја маргинализираат и закопаат ДУИ како единствена пречка која наводно „Македонците не можат да напредуваат затоа што им ја земавме власта и тие ќе го враќаат достоинството на Македонците“. Многу грешат и овие соништа да не ги гледаат, изјави Ахмети.

На овие зборови на Ахмети реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека за нова Влада не одлучува Ахмети, туку народот на избори, како и дека не важи правилото за коалицирање победник со победник, па поради тоа стравот на ДУИ од ортачките криминали со СДСМ им е се поголем.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста