Меџити: „Кога министер донесува одлука, таа не се преиспитува“

Фатмир Меџити еден и единствен. За министерот за здравство изгледа не постои Собрание, премиер на држава, Уставен суд, сите кои според закон можат да ја испитуваат и оценуваат неговата работа.  И покрај бурните реакции од јавноста министерот е дециден дека нема да ја преиспита одлуката за разрешувањето на професорот Сашко Јовев. Само најави дека тој ќе продолжи да работи како најдобар кадар во Кардиохирургија.

„Ќе споделам со вас, утринското кафе го испивме со почитуваниот професор Јовев и професорот ќе продолжи да работи како најдобар кадар во таа Клиника заедно со другиот стручен тим што е таму, со сите други колеги кардиохирурзи, ќе се посвети повеќе на пациентите и на работата, а ќе ја има мојата потполна поддршка како доктор што ќе ги работи секојдневните активности“ рече Меџити денеска одговарајќи на новинарско прашање.

На прашањето дали професорот Јовев ја прифатил понудата за советник на министерот, тој одговори дека не разговарале за тоа.

Министерот беше прашан и за тоа како го коментира тоа што неговиот претходник, министерот Беким Сали, го коментираше неговото однесување и го нарече „пишман аџија“ во однос на случувањата и понудата за советник на д-р Јовев, при што тој одговори дека не е љубител на социјални мрежи, ниту ПР.

“Од првиот ден вие се сеќавате многу убаво дека кажав јас сум доктор, јас сум човек од акција и сакам тука да ставам еден хируршки рез и нема да се занимавам со минатото. За мене е многу битна сегашноста и иднината на граѓаните и на пациентите на Република Македонија” рече министерот.

Меџити претходно посочи дека за директорското место во Кардиохирургија очекува предлог од СДСМ бидејќи и Јовев бил предлог на оваа партија. Нов кандидат, според денешната изјава на Меџити, сè уште нема.

Инаку, професорот Јовев изминативе денови доби огромна поддршка од персоналот во болницата, пациентите и лекарската фела кои се побунија против неговото разрешување.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста