Меџити и Муса Џафери меѓу граѓаните: Се тресат ли темелите на Владата и „главите“ на Груби и Османи?!

Почнуваат ли Изет Меџити и Муса Џафери да ги тресат темелите на македонската Влада. Луѓето кои по секоја цена „ги бараат главите“ на Артан Груби и Бујар Османи, а под своја капа имаат најмалку три пратеници, излегуваат на терен меѓу партиското членство на ДУИ. Фракционерите почнуваат од Студеничани каде ќе го анализираат сработеното последниве две години и што се било погрешно направено од централната власт, во прв ред од интегративните функционери кои им се трн во око.

-Високите функционери на Демократската унија за интеграција: Изет Меџити, Блерим Беџети, Висар Ганиу, Муса Џафери, Невзат Бејта, Кастриот Реџепи, Башким Хасани, Аднан Ејупи, ќе одржат средба со партиските структури на огранокот на ДУИ во Студеничани, на која детално ќе се објасни анализата на работата на извршната власт за 2 последни години, велат францкионерите на ДУИ.

Сепак најголем проблем за фракционерите е што по се изгледа Али Ахмети не ги дава своите најблиски соработници, првиот вицепремиер и министерот за надворешно работи. Тие пак можеби ќе откријат сега нешто ново, како би постапувале во иднина ако не биде слушнат нивниот глас. Во своето последно обраќање во јавноста одговор на тоа прашање Меџити не даде, само кажа дека ќе разговарале внатрепартиски.

-Луѓево потфрлуваат, немаат рејтинг, немаат сработено, затоа треба да си одат. Тие се најистакнати, најнепосакувани кај граѓаните и тоа ИРИ го кажува и ние тоа го нагласивме. И во овој случај целиот владин состав потфрлува и треба да отстапат место за други поенергични и што знаат повеќе да се справат со предизвиците… Реков целиот состав (Што ќе биде ако не си одат?) Сега не е интервју ова, ние ги покажавме нашите ставови, изјави Меџити.

На последното централно претседателство на интегративците Али Ахмети успеа малку да го изгаси пожарот во партијата, давајќи им партиски функции на фракционерите, но сепак главното барање останува заминување на Османи и Груби од Владата, па останува да видиме како ќе успее вечниот лидер на ДУИ да го реши овој проблем.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста