Министерот Меџити го понуди кардиохиругот да му биде советник, професорот Јовев вели никој не го повикал да му ја каже понудата

Министерот Меџити откако го разреши професорот Сашко Јовев му понуди да биде национален советник за кардиохирургија. Ваквиот повик следи откако професорот ги повика надлежните да ја преиспитаат одлуката за неговата смена, тврдејќи дека нема никакви неправилности во работењето на клиниката. Според здравствените инспектори причините за разрешувањето на Јовев биле административни пропусти во работењето кои се поврзани со евиденција на работното време на вработените во Клиниката и списоците за дежурства на персоналот. Меџити и натаму е дециден дека нема никаква политичка или друга позадина за неговото разрешување.

“Го повикувам да биде национален советник за кардиохирургија. Јовев продолжи да биде вработен во Клиниката за кардиохиругија. Ќе ја има мојата посветеност и поддршка во натамошното работење” рече Меџити.

Реномираниот доктор Јовев вели дека никој досега не го повикал на разговор за да му ја каже понудата на министерот Тој уште еднаш побара преиспитување на одлуката за неговото разрешување.

“За мене е чест министерот да ме повика за советник во областа на кардиохиругија, се разбира дека ќе размислам и секако тој треба да ме повика” вели професорот Јовев.

По бројните реакции во јавноста од граѓаните, пацинетите колегите од клиниката…поддршка за професорот стигна и од македонското лекарско друштво.

“Сите членови на лекарското друштво се против ваквата одлука на МЗ, за разрешување на професорот Јовев.Изјавата дека на македонското здравство не му требаат директори кои 6 месеци не покажале резултати ја сметаме за неоснована” вели д-р Горан Димитров, претседател на македонско лекарско друштво.

Што ќе биде со организацискиот директор на Клиниката за кардиохирургија, односно дали и него го чека истата судбина како и професорот Јовев? Министерот допрва ќе проверува.

Меџити во понеделникот го разреши директорот на Клиниката за кардиохирургија, со првично образложение дека „повеќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или десет години и немаат никаков резултат“. За подоцна министерот да каже дека Јовев бил разрешен откако по направена инспекција во оваа здравствена институција биле констатирани големи злоупотреби.

Инаку, д-р Сашко Јовев е од првиот ден на државната кардиохирургијан и го предводеше тимот за првата трансплантација на срце а добитник е и на повеќе награди.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста