Месечно 112 ден. повеќе за масло, 600 ден. повеќе за леб, како да преживее едно четиричлено семејство?

Откако вчера цените на храната и горивата наеднаш се вивнаа нагоре, граѓаните стравуваат како ќе го истуркаат јуни без да заглават во долгови. Ниту две покачени минимални плати не беа доволни да се задоволат најосновните месечни потреби, а по последните поскапувања, живеачката стана уште потешка.

Цените на горивата се зголемија дури три пати за неполни 10 дена. Еднаш поради укинувањето на мерките и уште два пати поради поскапувањето на нафтата и посилниот курс на доларот. Сè на сè, дизелот е поскап за 12 и пол денари, а бензините за 12 денари по литар. Зголемувањето на цените варира од 12 до 14%.

Денеска за да се наполни резервоар на автомобил од 50 литри ќе требаат 5.450 денари ако се наточи 98-ка, 100 денари помалку за 95-ка или пак 4.875 денари ако се стави дизел. Тоа е поскапување од околу 600 денари за полнење на резервоар за само 10 дена.

Трошоци за 50 литри                 (02.06.2022)           (24.05.2022)       Поскапување

ЕУРОСУПЕР 98  109*50= 5.450 ден.                         97*50=4.850 ден.   + 600 ден.

ЕУРОСУПЕР 95  107*50= 5.350 ден.                         95*50=4.750 ден.   + 600 ден.

ДИЗЕЛ                  97,5*50= 4.875 ден.                         85*50=4.250 ден.    + 625 ден.

Дополнително граѓаните мака мачат како да испазарат во маркет, без да го испразнат целосно паричникот. Само сончогледовото масло е поскапено за 30-тина денари по литар. Ако едно семејство троши во просек 4 литри месечно, само за масло треба да плати 112 денари повеќе месечно.

Трошоци за сончогледово масло за готвење

Стари цени 135 ден. X 4 литри = 540 денари

Нови цени 163 ден. X 4 литри   = 652 денари

Ако, пак, се купуваат во просек два леба дневно, односно 60 месечно, трошоците само по овој основ се зголемени за 600 денари во јуни. Цената на лебот се зголеми од 6 до 10 денари.

Трошоци за леб

Трошоци по стари цени 1.800  – 3.000 ден.

Трошоци по нови цени 2.400 – 3.600 ден.

Приближно толку поскапе и млекото. Ако едно семејство купува едно литро дневно, месецов ќе потроши 300 ден повеќе само за овој продукт отколку во мај кога без ограничени маржите во трговијата и намален ДДВ за основните производи. Се зголемуваат и трошоците за купување ориз, шеќер, брашно, јајца. Пресметките покажуваат дека само за да се набават основните прехранбени производи за кои беа укинати антикризните мерки и да се наточи гориво само ако рационално се вози, месечните трошоци се зголемени за околу 2.500 денари. Ако се знае дека во минималната кошничка која ја пресметува синдикатот од 38 илјади денари, само за храна и пијалоци во април требаа 16.500 денари, сега, со најновите поскапувања овие трошоци достигнуваат 19 илјади денари. Тоа значи дека ниту една минимална плата, ниту пак, просечна пензија не се доволни за да се купи најосновното, а камоли да се истурка месецот.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста