Маџоска Груевска: Нема ниедна гаранција за македонскиот јазик, Бугарија никогаш нема да прифати дека е посебен

Прифаќањето на францускиот предлог е самоукинување. Наспроти уверувањето на власта дека јазикот е „бетон“  експертската јавност реагира дека со прифаќањето на предлогот од Макрон, не само што немаме гаранција за јазикот, туку и го губиме историскиот континуитет.

Лично сметам дека овој предлог е исклучително лош, бидејќи на овој начин ќе треба да се самоукинеме, само по дома да зборуваме Македонски јазик, во локални рамки во нашата држава да го зборуваме, а надвор од тоа немаме никаква гаранција, вели за Алфа Симона Маџоска Груевска Професор од Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“

Наводните цврсти гаранции, власта ги претставува со една и единствена реченица во францускиот предлог, во која се споменува Македонскиот јазик и тоа  во делот на Општиот став на ЕУ.  

Во однос на преводите на acquis – правото на ЕУ на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик, стои во Општиот став на ЕУ. 

Со вака срочен документ на сите, освен на власта  им е јасно дека немаме апсолутно никакви гаранции.   Според Маџоска, во предлогот јасно се гледа дека Бугарија никогаш нема да прифати оти македонскиот јазик е посебен јазик.

Воопшто  не е гарантиран Македонскиот јазик со овој Француски предлог. Конечно имавме можност на англиски да го прочитаме, таму нема речиси ништо но има упатувања некои декларации во кои јасно е кажано дека бугарската страна нема никогаш да прифати дека македонскиот јазик е посебен јазик. Тоа значи дека со овој француски предлог не само што треба ние да се откажеме од македонскиот јазик од пред 44 година и да се согласиме со тоа дека е тој вештачка творба туку треба исто така треба да се откажеме од историскиот континуитет како на Македонскиот народ, така и на македонскиот јазик, рече Маџоска Груевска

Три дена нацијата е на нозе и испраќа пораки до Владата дека немаме никакви гаранции ни за јазикот , ни за идентитетот.  Во отворено писмо јасна порака испратија и невладините организации дека јазикот со унилателарни декларации никако не е заштитен

Зошто, пред една седмица, за решението за јазикот – со унилатерлани декларации, сметавте – дека е неприфатливо, а сега, е прифатливо? – Какви гаранции обезбедила Владата, за да го заштити македонскиот јазик?  – кога, и со кои политички субјекти, владата постигнала согласност – за промена на уставот? стои во  писмото до Владата, од Институтот за демократија“ и „Институтот за европска политика“, а е поддржан, и од 10-тина други невладини организации.

Критиките и пораките до „Илинденска “ се јасни – Со Бугарија не можеме да се усогласиме без да се самоукинуваме, а ова е предлог кој е прифатен од Бугарската страна. Сите се сложни дека никако не смее да се продолжи со ваквите преговори, но прашањето е : Дали некој ќе ги послуша ?!

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста