Мачка и глушец: Надлежните го бркаат за тестирање, кичевчанецот не сака, ако е позитивен може кривично да одговора

Кичевчанецот и здравствените власти се бркаат за да му бидат земени примероците за тестирање на мајмунски сипаници. Откако одби да соработува, надлежните најавија надзор за 43-годишникот од Кичево и уверуваат дека тој сепак ќе биде тестиран до крајот на неделата за да се знае дали е болен или не. Доколку е негативен, никој од неговото семејство со кои е направена епидемиолошка анкета нема да замине во изолација, во спротивно, доколку тестот е позитивен, тој може кривично да одговара со казна затвор до три години поради загрозување на јавното здравје и ширење на заразна болест.

Првичната изјава од Комисијата за заразни болести во средата беше дека примероците ќе пристигнат во Скопје, за да вчера истите признаат сосема спротивно: дека медицинските лица воопшто не ни стапиле во физички контакт со кичевчанецот.

Од понеделникот се знае дека тој има симптоми на заразата, кога првично се обратил кај матичен лекар, но одбил да биде хоспитализиран и тестиран, по што бил испратен дома. А бидејќи соработката била тешка со пациентот, што призна директорот на кичевската болница, му било укажано самиот да дојде до скопската инфективна клиника. Бидејќи тој не се појави, институциите почнаа потрага по него за да му ги земат примероците за тестирање. Но до овој момент неуспешно.

Вториот сомнителен случај, за кој објави Алфа, мигрантот од Сирија, имаше негативен тест, но тој се уште се наоѓа под лекарски надзор.

Во меѓувреме, земјите во регионот многу покоординирано ги дочекаа мајмунските сипаници. Соседна Србија, првиот случај го регистрираше уште во средината на јуни.

„Тој е периодот во кој лицето е изложено на вирусот, до моментот кога ќе се појават првите симптоми и знаци на болеста. Вообичаено се јавува покачена телесна температура, интензивна главоболка, болка во згобовите, мускулите, грбот, а подоцна се јавува осип, обично по пет дена од првиот симптом, вели Славица Марис, епидемиолог од Заводот за јавно здравје во Србија.

Србија до сега има регистрирано 23 позитивни на мајмунски сипаници, Грција има 41 случај, Бугарија – 4, Словенија – 40, Хрватска 12, Босна и Херцеговина и Црна Гора имаат по еден случај, додека во Албанија нема регистрирани случаи на мајмунски сипаници. Во Европа, најголем број на случаи има во Шпанија – 5 162, Германија – 2 982 и Британија – 2 914. Пријавени се и неколку смртни случаи.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста