Матурант од Штип на Инстаграм се заканувал дека ќе го повтори масакрот од Белград

„За некој последна матурска, за некој последен ден. Ќе донесам пушка и ќе ги повторам случаите што се случија во Србија„ ваква закана на социјалните мрежи објавил ученик во четврта година во штипската Гимназија. Службите во училиштето веднаш реагирале, изршиле разговор со ученикот и неговите родители, по што утврдиле дека станувало збор за неумесна шега.

Во текот на вчерашниот ден добивме дојава дека на социјалните медиуми од еден ученик има закана. Тоа кај нас го вклучи алармот и јас како директор ги презедеовме сите мерки кои ни се на располагање. Беше повикана целата служба и родителите на ученикот и се разговараше на таа тема. Сега овде е и полицијата и се уште разговараме „ изјави Марјан Арсов, директор на СОУ„Славчо Стојменски„ Штип.

Иако училишните служби тврдат дека станува збор за неумесна шега, ваквата закана создаде страв и паника кај родителите кои денеска доаѓаа во училиштето за да кажат дека нивните деца се исплашени и не сакаат да одат на училиште. Директорот сепак уверува дека ситуацијата ја држат под контрола, а настава ќе има.

Ситуацијата ја држеме под контрола и апелираме до родителите совесно да ги пуштат децата на училиште и дека се ќе биде во најдобар ред„ рече Марјан Арсов, директор на училиштето.

Која е причината за матурантот да објавува вакви содржини на својот инстаграм профил, надлежните не откриваат, со образложение дека се уште работат на случајот. Ова е прв ваков аларм низ училиштата во Источниот регион. 

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста