Мало Коњари со пречистителна станица, ама без функција

Безмалку половина година, околу 600 жители на приградското прилепско село Мало Коњари, мака мачат со истекувањето на фекалиите заради дефект на моторот од селската Пречистителна
станица, а која е во непосредна близина на училиштето, на амбулантата, а и на спортското игралиште. Мештаните стравуваат од ширење на зараза.

  • „Од октомври месец, се’ уште беревме тутун, почна да истекува од шахтата, што значи дека напразно работеше Пречистителната станица, а вода не испушташе. Значи едноставно е затната“, кажа Слободан Дичоски, жител на с. Мало Коњари.
  • „Одговорните беа тука. Им предочивме дека Станицава не работи, не влечи од канализацијата. Овде се збира водата, еве ја. Амбулантата тука е, училиштето тука, фудбалиштето тука…Топката
    како е кога ќе влезе во фекалијата, јас да ги прашам овие горе што играат кошкарка и фудбал по канцелариите?!“, револтитрано вели Душан Ангелески, жител на с. Мало Коњари.

Камен-темелникот за оваа Пречистителна станица беше поставен уште во 2014 година, а во употреба беше пуштена во септември во 2021 и се’ уште е во надлежност на Министерството за транспорт и врски.

  • „Од страна на Надзорот, Министерството заклучило дека има некои забелешки коишто треба да се доработат и се’ уште ингеренциите за Пречистителната станица и самата канализациона мрежа се
    останати кај самиот изведувач. Се’ додека не се направи технички прием од изведувачот кон Министертсвото за транспорт, не може ПС да се префрли на Oпштината“, – објаснува Николче Кукуноски, претсeдател на МЗ Мало Коњари.


Од ЈКП „Водовод и канализација“ пак велат дека тие веќе една година укажувале на пропустите кои требало да се надминат, за потоа Пречистителната да премине во владение на општина Прилеп, односно на прилепски „Водовод“.

  • „Проблемот е помеѓу изведувачот и Министерството. Сега мислам d ека ги имаат отстрането сите тие проблеми кои што за жал, ние не ги знаеме и се надевам дека сега многу брзо ќе биде преземањето направено“, изјави Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и
    канализација“, Прилеп.


Очекувањата се дека во текот на месецов, прилепски „Водовод“ ќе го преземе стопанисувањето со целосно технички исправната Пречистителна станица, со што и проблемот ќе бидел решен.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста