Македонците од Бугарија „удрија“ по Османи: Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер

Не само што не го поддржа здружувањето на Македонците во Бугарија, министерот за надворешни работи Бујар Османи реши и да се скара со нив. Ова беше причина за реакција на ОМО Илинден Пирин. Според Македонците од другата страна на источната граница срамота е што министерот го нападна отворањето на овој клуб и луѓето кои го поддржуваат.

-Тој сега ги нападна и оние, кои за разлика од него дојдоа да ги поддржат културните права на Македонците во Бугарија. Многу е тажно да видиш дека Македонија е водена од толку лошо информиран министер, министер кој се информира од медиумите наместо преку своите служби. Господине Османи, друг пат јавете се кај нас барем да имате точна информација за да не испаѓате во ситуации како сегашната – министер сте! Не треба тие што дојдоа да се правдаат пред нас, вие треба да објаснувате пред македонскиот народ зашто не дојдовте, велат од ОМО Илинден Пирин.

Според Македонците од Бугарија, оние кои дошле на отворањето на клубот и покажале почит кон нив, направиле многу повеќе од било која македонска власт претходно.

-Тие не само немаат никаква вина туку напротив – нивното доаѓање за Македонците овде беше силна морална поддршка – повеќе отколку Република Македонија има направено во последните 30 години, но се разбира тука не го ставаме извршеното од вашата влада зашто со нула не се споредува, велат од ОМО Илинден Пирин.

Османи на еден начин ја оправда одлуката на бугарскиот Врховен суд за укинувањето на македонскиот културен клуб. Според него воопшто не ни требало да дојде од негово отворање.

-Ова е погрешен пат, го идентификувам така уште од првиот ден. Отворањето на бугарските клубови овде не беше во функција на промовирање на бугарската заедница. Истата оваа реакција е и во Благоевград, неспремена, неподготвена, финансирана од сомнителни извори го оквалификувам истиот начин и така се случуваат после тоа резултатите, кои што ќе создадат само проблеми за тие луѓе, кои што сега дел од тие клубови.

Бугарското обвинителство од Благоевград тврди дека целите на македонското граѓанското здружение за заштита на основни индивидуални човечки права се спротивни на бугарскиот Устав и закон, а одлуката е правосилна од почетокот на октомври.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста