Македонското МНР го изгуби протоколот што го потпиша Димитров, па не знаат дали признале оти 24 мај е „Ден на бугарската азбука“

Првиот протокол кој го потпиша екс-министерот за надворешни работи Никола Димитров со неговата колешка од Бугарија Екатерина Захариева после првата меѓувладина седница, исчезна од архивите на МНР. Токму поради ова, македонската дипломатија не сака или не знае како да одговори на прашањето „Што значи денот 24 мај, за Македонија“?  Во одговорот кој го доби МКД.МК, се вели дека МНР не може да даде објаснување за тоа дали Македонија го признава државниот празник како Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ или Денот на бугарската азбука бидејќи тој протокол веќе го немало во нивните архиви.

„Вашите забелешки се однесуваат на Протоколот од првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 10 јуни 2019 година кој, како што веќе сме информирале, не можевме да го најдеме во архивата на МНР и оттука не можеме да дадеме објаснување. Во вториот протокол таква формулација нема“ – велат од МНР.

Интересно е тоа што, иако МНР се правда дека овој документ го нема во нивната архива, потпишаниот протокол стои на официјалната веб страница. Според македонската верзија е повеќе од јасно дека за македонската влада 24 мај е Ден на бугарското образование, култура и словенското писмо.

23-25 мај 2019 година – средба на претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г-ѓа Цвета Карајанчева, со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Талат Џафери во Ватикан, по повод 24 мај – Ден на бугарското образование и култура и словенското писмо – стори во протоколот.

Според познавачите, ваков протокол не смеело да се потпише, бидејќи со потписот на Димитров, Македонија буквално се откажала од 24 мај како ден на сесловенските просветители и го признала како ден на бугарската просвета.

После потпишувањето на овој протокол, Бугарија не губеше време. На крајот на 2020 година, празникот Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо, го преименува во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура. Со оваа одлука Бугарија и официјално си ги присвои  како бугарски и Кирил и Методиј и азбуките Глаголица и Кирилица.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста