Македонски доброволци војуваат на фронтот во Украина, но на двете страни

Никој не знае колку македонски државјани војуваат на украинските боишта. Најновите информации доаѓаат од про-рускиот баталјон „Судоплатов“, од каде најавуваат голем број војници, волонтери од Македонија, Србија, Полска и други европски земји кои биле подготвени да им се придружат на борците, кои војуваат во украинската областа Запорожје. Борецот во Судоплатов, Андреј Родинов, за руската медиумска агенција РИА Новости тврди дека луѓе од Македонија се регрутирале за да се борат против украинските вооружени формации, кои заедно со руските борци во моментов се на борбена обука.

  • „Србите се со нас од странство. Но, има голем потенцијал, има многу поддржувачи и истомисленици во Европа: во Србија, Полска и Македонија, а сега прашање е дека и овие момци ќе дојдат кај нас. Во иднина, можеби, ќе има голема експанзија“. – Вели Андреј Родионов од меѓународно движење „Руско-словенско обединување и преродба“.

Тој додава дека немало особени потешкотии при борбената обука. Тие тренирале заедно со волонтери од Србија, со кои имале меѓусебно разбирање. Коментирајќи за тоа дека учеството во странски војски, во најголем дел од државите е забрането, Родинов тврди дека иако во Србија законот е заострен, во пракса не функционирал.

Додека пак според македонските закони, доколку македонски граѓани заминат да војуваат во странство, кога ќе се вратат дома им се заканува затворска казна.

  • „Тој што спротивно на закон „создава, организира, регрутира, превезува организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на РСМ ќе се казни затвор од најмалку пет години.“
  • „Македонски државјанин кој учествува или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на земјата ќе се казни со затвор од најмалку четири години.“ – Пишува во членот 322а од кривичниот законик.

Македонските надлежни институции иако запрашани на оваа тема во повеќе наврати во минатото, оттаму постојано тврдат не располагаат со такви информации. Аргументот е дека луѓето кога ја напшуштаат Македонија не кажуваат дали одат на боиште и тешко е да се утврди нивната финална дестинација. Инаку, уште од почетокот на воените дејства и двете завојувани страни редовно повикуваат на странска помош со луѓе и опрема. На почетокот на војната, украинската амбасада во Скопје дури имаше и повик на социјалните мрежи со кој бараше доброволци за на фронт.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста