Македонските писатели во одбрана на македонскиот јазик

Денеска не можеме никому да му кажеме како тој ќе се нарекува. Дали неговиот јазик е негов или туѓ – Вели претседателот на друштвото на писателите на Македонија, Христо Петрески, кој во спротивност на современите бугарски негирања на македонскиот јазик, предупредува дека Македонците имаат еден јазик, тој не бил, не е, и не може да биде дијалект на друг јазик.

  • „Едноставно, ние знаеме кои сме и што сме. Ние зборуваме и пишуваме на македонски јазик и на никој друг јазик. Македонските писатели пишуваат на македонскиот јазик. Тоа е наш јазик. Мајчин, татков… Роден јазик. Мој јазик. И најмалку тој мој јазик, тој наш македонски јазик е нечиј дијалект. Македонскиот јазик има дијалекти. Ние никогаш ниту сме биле, ниту ќе бидеме нечиј дијалект. Значи имаме еден јазик. Тој е еден и единствен, тој е македонскиот јазик.“ – Изјави Петрески.

Писателот Петрески вели дека тие секогаш биле заговорници на литература без граници. Уметност, а не политика. Вели дека имале и ќе продолжат да имаат соработка и контакти, како со сите, така и со бугарските колеги писатели. Оти не личело на писателите да се борат за граници и препреки.

  • „Македонските писатели и бугарските писатели мораме да соработуваме, нас не поврзува литературата, ние не смееме да се занимаваме со политика, инаку, ако ние почнеме да се занимаваме со политика, таа наша литература нема да има вредност. Веднаш да ви кажам. Таа ќе биде некоја нарачана литература, која што ќе биде со краток здив, со краток рок.“ – Истакна писателот Петрески.

Инаку, денеска писателите на Македонија се собраа да го одбележат 13ти Ноември, денот на градот Скопје. Се прочитаа песна, раскази, есеи и записи, сите посветени на Скопје. Оттаму потсетуваат дека македонската престолнина поминала низ тешки и разорни времиња, но како феникс, градот секогаш се обновувал. Тие посакаа градот да е вечен, а неговите граѓани секогаш среќни.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста