Македонскиот премиер го пречека хрватскиот колега, но не сака да зборува за хрватскиот Устав

Го дочека хрватскиот колега, но не му се зборува за хрватскиот Устав. Премиерот Димитар Ковачевски не сака да седне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и заедно да изнајдат решение за уставните измени. Инсистира да се формираат работните групи, па таму да се води дебатата – нешто што е неприфатливо за опозицијата.

Јас не кажав што е прифатливо, што не е прифатливо, кажав дека прво треба да се формира работи работна група во рамки на Министерството за правда во којашто членуваат експерти и во која веќе се поканети претставници на политичките партии застапени во парламентот и којашто ќе треба врз основа на најдобрите искуства да изработи предлог кој што потоа ќе се стави на расправа. И кажав дека има политички партии кои што зборуваат за еден модел, па има политички партии кои зборуваат за друг модел на амандмани, трети зборуваат за трети – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Мицкоски вчера му даде понуда на премиерот – подготвен да седнат на иста маса, и да го објасни неговиот предлог, пред да бидат формирани работните групи. Ковачевски пак не отстапува, дебатата треба да се води во работните групи. А токму претседателот на Владата беше тој кој минатата година ја посочи Хрватска и нејзиниот Устав, како модел со кој се заштитуваат сите национални малцинства и „ја збогатува општествената кохезија во државата“

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, кој беше пречекан со сите државни и воени почести, не навлегувајќи во внатрешните прашања на државава, само порача дека треба да најдеме решенија кои ќе бидат најсвојствени за Македонија. Признава дека земјава била со години неоправдано блокирана на патот кон ЕУ и како земја членка на унијата се обидувале да ги решат сите пречки.

Јас сум еден од оние актери кои што го следи европскиот пат на Северна Македонија со години. Кој што знае дека на состанокот на врвот во Загреб пред 23 години го парафиравте Договорот за стабилизација и асиоцијација уште пред тоа да го направи Хрватска. Оттогаш наваму направивте голем број реформи, бевте неоправдано спречувани на тој европски пат. Така што, се трудевме од земја која што го заврши процесот на интеграција во 2013 година и која за два и пол месеца ќе одбележи 10 години од тоа членство, се обудуваме да ги решиме тие пречки, изјави премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.

Ако власта и опозицијата се договорат да се преслика преамбулата од хрватскиот Устав, во македонскиот Устав ќе стои „Македонија е држава на македонскиот народ и држава во која припаѓаат националните малцинствата“.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста