Македонија ќе си почека: Бугарското Собрание нема да расправа за францускиот предлог без став на Владата, Петков одбива да даде предлог – одлука

Решението за Македонија на стенд бај. Бугарското Собрание нема да расправа за францускиот предлог, ако Владата на Кирил Петков не го каже својот став за документот на Макрон. Проблем е што тоа веќе одбиено од бугарскиот премиер, кој топката ја префрли целосно во рацете на Парламентот. Па поради тоа народните избраници решија да ја одложат комисијата за надворешна политика, каде на дневен ред требаше да биде Македонија. Народните избраници сметаат дека е противуставно да се разговара за ова решение без предлог- одлука од Владата.

-Гарантирам, говорам од името на нашата партија, дека ако ја свикате Комисијата кога ќе имате некаков став или решение, ние ќе сме тука и ќе дадеме поддршка, порача поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, сега пратеничка на ГЕРБ, Екатерина Захариева.

Претходно оценувајќи го како најдобар за Бугарија, официјална поддршка за овој предлог даде и Бојко Борисов, кој во повеќе наврати ја блокираше Македонија на европскиот пат. Поранешниот бугарски премиер нарекувајќи го Петков кукавички премиер, кажа дека му верувал францускиот претседател и дека за Бугарија подобар од овој предлог не може да има.

-Верувам во Макрон, верувам во Евриоската Унија. Сè што е добро во Бугарија доаѓа од ЕУ. Европската Унија и НАТО во моментот бараат проширување со Западен Балкан. ГЕРБ го почна овој процес. Петков ќе оди во Советот на ЕУ и ќе каже дека некој му пречи. Петков ќе се крие и ќе се плаши додека ГЕРБ не ја заврши работата. Ние знаеме како да се грижиме за нашата работа. Француското претседателство ја направи најдобрата рамка и не може да биде подобра, изјави Борисов.

Презадоволен од францускиот предлог е и бугарскиот претседател Румен Радев. Велејќи дека е најдобар мoжен за Бугарија, порача дека се уште било рано да се прогласува историска победа, бидејќи Македонија морала уште да исполнува за да биде тргната блокдата на европскиот пат.

-Сакам да ги повикам бугарските политичари да не избрзуваат да објават историска победа. Треба да биде јасно дека овој процес се заснова на два важни документи – првиот е Преговарачката рамка, која е обврска и ја подготвува Европската Унија. Вториот е билатералниот протокол, кој е наша заложба и е составен дел на преговарачката рамка, вели Радев.

Бојко Борисов за прифаќањето на францускиот предлог доби благодарност од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов за историската одлука за Европа и за Македонија да прифати преговори базирани на францускиот предлог, дозволувајќи да се отворат пристапните преговори со Македонија. Очекуваме владата да ги достави неопходните предлози до парламентот денеска за да може Европа да оди напред, порача Вархеји.

Ваквите случувања во Бугарија, испраќаат јасна порака дека Македонија по се изгледа ќе извиси и овој јуни, односно толку пати ветениот датум за старт на преговори со Европската Унија нема да го добиеме ниту сега.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста