Македонија ќе покаже солидарност: Држава ќе и помогне на Турција после големата катастрофа

Македонија со конкретна помош за настраданите во земјотресот. Државава не заборава што му се случи на Скопје пред точно шест децении, кога целиот свет покажа солидарност и помогна главниот град повторно да се издигне.

-Има многу жртви и е ужасна деструкција и би сакал уште еднаш да упатам сочувство до сите погодени. И да објавам дека македонската Влада и ние како држава нема да останеме само на зборови, ќе пружиме сосем конкретна помош. Знаете дека низ историјата, еве оваа година треба да одбележиме шест децении од катастрофалниот скопски земјотрес и многу добро знаеме кога некои други народи и држави се наоѓа во слична ситуација, изјави Пендаровски.

Дека ќе и се помага на Турција потврди и министерот за надворешни работи Бујар Османи. На вонредна владина седница ќе се носат одлуките со какви активности ќе помогне Македонија.

-Во овие страшни моменти од најголема важност е да им подадеме рака на луѓето на кои им е потребна помош и со конкретна акција да овозможиме поддршка во справувањето со катастрофалните последици, изјави Османи.

Сочувство преку својот Фејсбук испрати премиерот Димитар Ковачевски.

-Ужасна вест за земјотресот во Турција која не растажи сите. Во мое лично и во име на граѓаните на Северна Македонија изразувам длабоко сочувство кон претседателот Реџеп Тајип Ердоган за изгубените животи, и посакувам брзо опоравување на повредените, напиша Ковачевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски упати телеграма со сочувство до Турција и турскиот народ за жртвите од земјотресот, изразувајќи надеж дека надлежните ќе успеат да спасат што е можно повеќе луѓе во акциите за спасување.

-Нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите, во надеж дека надлежните ќе успеат да спасат што е можно повеќе луѓе во акциите на извлекување. Тешко е да се изберат зборови за утеха во вакви трагични мигови, но сум уверен дека солидарноста и хуманоста на луѓето ќе помогнат што побрзо да се обединат и насочат сите капацитети кон обновување и санирање на погодените места од разорниот земјотрес, пишува Мицкоски.

Порачувајќи дека и Унгарија ќе помогне, од Скопје сочувство испрати и унгарската претседателка Каталин Новак.

-Од наша страна, од страна на Унгарија сакам да ги уверам турските граѓани дека Унгарија е со нив, сочувствува со нив и е подготвена да им помогне на нив, вели Новак.

Помош за Турција најави и ЗЕЛС, претседателот Орце Ѓоргиевски повика на солидарност од сите градоначалници во земјава.

-Сега е момент кога секој, согласно своите финансиски можности треба да ја покаже својата благородност и на дело да докаже дека хуманоста и солидарноста со кои не’опишуваат биле и остануваат наша движечка сила!, велат од ЗЕЛС.

Црвениот крст на Македонија отвори сметки за настраданите, а мобините оператори отворија и броеви за донации. Граѓаните на социјалните мрежи повикауваат на солидарност и помош за настраданите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста