Македонија ја покажува хуманоста – досега собрани над 400.000 евра за Труција и Сирија

Овој каминон натоварен со донации ноќеска заминува на пат за Турција. Пратка од 800 пакети со храна, 1.700 пакети со хигиена и 4.000 ќебиња е првичната хуманитарна помош што Црвениот крст ќе ја испрати до местата погодени од земјотресот. Досега, Македонија на Турција и помогнала со сума близу еден милион евра. Од нив над 400 илјади евра се пари собрани директно од донации од хуманите граѓани и компании.

  • Согласно сите информации што ги добиваме од терен, во текот на вчерашниот ден имавме консултативна средба со повеќе национални друштва и повторно беше истакната потребата од собирање на материјална хуманитарна помош, пред сè во ќебиња, шатори, вреќи за спиење, газиени ламби. Во делот на остатокот на хуманитарна помош, апелираме уште еднаш да се донираат пакети со храна, но сето тоа да биде ново, да биде согласно стандардите за хуманитарна работа. Сведоци бевте на многу иницијативи, но за жал квалитетот на хуманитарна помош не е на задоволително ниво и сето тоа не може да се испрати, изјави Саит Саити, генерален секретар на Црвениот крст на денешна прес-конференција по повод испраќање хуманитарна помош.

Саити потенцираше дека Црвениот крст останува на располагање за собирање хуманитарна помош, но во рамките на стандардите.

Турскиот амбасадор изрази голема благодарност до македонските граѓани и државата за организацијата и помошта за настраданите во земјотресот. Рече дека немало потреба од дополнителни спасувачки екипи, а помошта, вели, ќе биде испишана со златни букви во турската историја.

  • Денес сме овде по повод првата помош, што веќе е товарена во два камиони и се состои од 25 тони прехранбени и хигиенски материјали што ќе бидат пренесени на турската полумесечина во Газиантеп. Двата камиони денеска ќе тргнат на пат, а во координација со турската Амбасада и разни невладини организации и компании досега реализиравме испорака на 850 тони прехранбени производи, 53 тони облека, 27 тони хигиенски материјали, 34.360 ќебиња, 186 греалки, 37 шатори, како и 18 агрегати, информираше амбасадорот, изјави Секизќок.
  • На оваа моќна солидарност искажана во овие тешки денови турскиот народ со благодарност ќе се сеќава. Со голема благодарност се следи теренската работа на спасувачките екипи, и тие ќе бидат испишани со златни букви во срцата на турскиот народ и турската историја, изјави турскиот амбасадор.

Хуманитарните активности не запираат. Најново е базарот во старата скопска чаршија, каде млади подготвуваат и продаваат храна, а парите ќе заминат како донации.

Инаку, неколкуте тони материјал кој не беша искористени како хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија беа подигнати од скопскиот плоштад. Волонтерската акција за собирање на хуманитарна помош заврши.

Во „катастрофата на векот” како што се нарекува во Турција, погодени се 10 провинции, вкличувајќи ги и Хатај, Газиантеп, Адијаман, Малатија, Адана, Дијарбакир, Килис, Османије и Шанлиурфа каде што живееја повеќе од 13 милиони луѓе.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста