Македонија ја губи битката во привлекувањето инвестиции, се бара промена на стратегијата

Стопанството тоне, а државата ја губи битката во привлекувањето странски инвестиции, алармира бизнис заедницата. Велат дека инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите во 2023. Бараат од државата нови финансиски мерки за ублажување на кризата, зашто скапата индустриска струја и еден куп проблеми остануваат сериозна пречка во работењето на компаниите. Како главен конкурент за привлекување на странски инвестиции и натаму останува Србија, но и земјите од соседството, велат бизнисмените, кои бараат од државате промена на стратегијата во привлекувањето на странскиот капитал, за во иднина да не се соочиме со погубни политики.

  • Има влошување на незадоволството во однос на лани, кога изнесуваше 10 проценти. Шеесет и пет проценти рекле дека се уште имаат потреба од решавање на инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Дополнителни барања за услуги 55 проценти од компаниите би сакале дополнителни инфраструктурни услуги, рече Мизо.

Исто така, како што додава, 79 проценти од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила.

  • Компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство – 63 проценти, во други компании во земјата – 10 проценти, а за останатите флуктацијата е во разумни рамки, додава Мизо.

Како што наведува, сите анкетирани компании ги имаат зголемено платите во 2022 година, при што зголемувањето во најголем дел се движи од 10 до 20 проценти.

  • Причини за зголемување на платите се инфлацијата и зголемени трошоци за живот, конкуренцијата и намалена понуда на работна сила на пазарот на труд, и поради зголемувањето на ефикасноста на работникот и мотивацијата, појаснува Мизо.

Исто така, 84 проценти од компаниите имаат или понекогаш имаат проблем со наоѓање на работна сила. Најтешко доаѓаат до техничари и инженерски кадар, а најлесно до административен кадар.

Што конкретно треба да се направи за Македонија сриозно да почне да привлекува странски компании, Мизо рече дека тоа треба да го каже Владата, која годиниве не направи многу на тоа поле.

Мизо, меѓу другото рече дека како асоцијација изминатиот период од повеќе од три години имаат континуирана комуникација со Владата односно со економскиот тим каде што даваат континуирано забелешки на кој начин и како некои работи треба да се подобрат.

  • Тука, прво нешто што е поврзано со анкетата, побаравме да има олеснување на постапките за поставување фотонапонски централи, надвор од Технолошко индустриските развојни зони од над 1 мегават на кровните конструкции. Некои од компаниите имаат погони кои се 20, 30 или 50 илјади метри квадратни, рече Мизо, додавајќи дека дополнително, на компаниите во ТИРЗ, не им е дозволена продажба на вишоците на струја.

Исто така, едно од прашањата е државната помош и унифицираноста на сите процеси помеѓу институциите даватели на државна помош.

  • Нема унифициран начин што е реален оправдан инвестициски трошок и во моментов тоа не е според меѓународните сметководствени стандарди, но и стандарди за оправдан трошок. Ние бараме да има унифицираност на сите даватели и ова е нешто што ЕУ ќе го поздрави бидејќи државната помош таму е многу важна и специфична тема, посочи Мизо.

Покрај тоа што Македонија ја губи битката во привлекување на странски инвестиции, го губи и работоспособното население, но и општите работници кои речиси и да ги нема. Причина се повеќе фактори, лошите резултати во владеењето на правото, административните бариери, итн. Затоа, бизнис заедницата бара од Владата да усвиои реална стратегија, а не само козметички мерки кои немаат ефект.

Проблем во работњето на компаниите претставува и инфраструктурата. 25% од компаниите опфатени со анкетата, не се задоволни од патиштата, а 45% дале неутрален одговор. Анкетата е спроведена од 20 ноември до 10 декември годинава, каде биле опфатени компании од речиси сите региони во земјава.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста