Македонија пред енергетско цунами – зошто наместо да реагираат, надлежните повеќе се мајтапат околу проблемот?

Стопанството од ден на ден се повеќе тоне, бизнисот очајно бара помош за да ги плати високите сметки за струја, директорите најавуваат бран откази до крајот на годинава, а власта се шегува со енергетската криза. Во два наврати за само две недели, министерот за економија Крепник Бектеши со, барем за него, хумористични изјави околу тоа дали Скопје ќе има парно греење зимава.

И вчера министерот даде несериозен одговор на сериозно прашање. Се пошегува околу набавката на гас за производство на топлинска енергија за потребите на Скопјани, откако од ТЕ-ТО од која Владата очекува да обезбеди 70% од топлинската енергија изјавија дека не се сигурни дали ќе можат да го исполнат барањето, бидејќи не се знае дали ќе има гас и по која цена ќе се продава.

Бизнисот алармира со месеци, но никој во Владата не реагира на нивните предлози. Ако до пред неколку недели се жалеа на превисоките сметки за струја, сега веќе предупредуваат за енергетско цунами. Министрите велат дека за предлозите на компаниите допрва ќе се разговара. Времето тече, а бизнисите продолжуваат да тонат. Некои едвај можат да ја платат само сметката за струја, а камоли да поделат плати и да ги подмират другите трошоци. Бараат субвенционирана цена на струјата за да можат да опстанат.

И додека компаниите од соседството плаќаат два пати поевтина струја од македонските, за Бектеши цената од 200 евра која ја плаќаат фирмите на регулиран пазар била доволно намалување. Само за илјада големи компании важеле моменталните астрономски берзански цени од 700 евра – вели тој. Македонските власти упорно тактизираат со давањето помош за стопанството, а европските држави кои одамна имаат либерализиран пазар на струја, веќе кројат планови како сите да ги стават на регулиран пазар со утврдена максимална горна граница на цените. Се поизвесно е дека Чешка, земјата која е актуелен претседавач со ЕУ ќе ги замрзне цените на струјата, нафтата и гасот, без разлика на официјалниот став на унијата.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста