Македонија нема да испрати протестна нота за каменувањето на Културниот клуб во Благоевград

Македонија нема да испрати протестна нота за каменувањето на културниот клуб во Благоевград. Министерот за надворешни работи вели дека треба да се каже доста и стоп на сите провокации, да се престане со пинг-понг дебата и конечно да се фокусираме на подобрување на односите со Бугарија .

Ние имавме долго соопштение од МНР вчера во коешто ги коментиравме сите аспекти од случувањата. Мислам дека сите си кажавме тоа што имавме да кажеме. Ние ги кажавме нашите ставови, Бугарија ги кажа своите ставови, и време е да кажеме доста е на оваа пинг-понг дебата меѓу нашите општества и наше вовлекување во бугарската предизборна кампања. Само во Македонија од 2006 има 15 изборни циклуси. Речиси секоја година. Уште ни требаат и бугарските избори да ни влезат во нашето општество, и да ги пореметиме граѓаните. Мислам дека тука треба да ставиме црта – изјави министерот Османи.

Бугарските власти не само што не го осудија каменувањето на клубот туку и тврдат дека за тоа имало причина. Барем таква изјава даде градоначалникот на Благоевград кој вели дека сето тоа е последица на антибугарската пропаганда која ја ширеле македонските политичари.

Клубот беше каменуван во саботата вечер, на денот на чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Бугарската полиција нема никакви информации за сторителите.

Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше отворен во тензична атмосфера лани на 30 октомври во присуство на гости од Македонија и Македонци што живеат во Бугарија, таму беше лидерот на опозицијата, но немаше ниту еден претставник од Владата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста