Македонија заостанува зад регионот во привлекување странски инвестиции

Македонија во „мртва трка“ со Србија и Хрватска за привлекување на американско-тајванска компанија која треба да вложи околу 250 милиони евра, тврди Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски.

„Делегацијата доаѓа на почетокот на следната недела, такашто подготвителни разговори веќе имавме со претставници на оваа компанија во изминатиов период. Како што кажав, конкуренцијата е доста сериозна. Станува збор за голема инвестиција, споменав некаде 250 милиони евра. Ќе работиме до крајот на годината, бидејќи целта е според најавите на оваа компанија, до крајот на годината да донесе конечна одлука дали прво ќе се избере регионов во однос на Кина, а доколку се избере регионов дали ќе биде македонија, Србија или Хрватска“ – вели Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ.

Сепак, Македонија засега ја губи битката со соседите во привлекување на странски инвестиции. Додека Србија лани привлече речиси 4 милијарди евра странски инвестиции, а Албанија над една милијарда евра, Македонија со 512 милиони евра се најде во друштво на Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина, држави кои не се толку успешни на овој план. Многу инвестиции останаа само на најави – Гугл, Фејсбук, Икеа, Фолксваген се само дел од нив.

Инаку странските инвеститори кои веќе работат во зоните веќе плаќаат повеќе за гас и струја. И покрај зголемените трошоци, најголем проблем во иднина ќе биде кадарот. Од ТИРЗ велат дека засега се наоѓале работници, но за кратко квалификуваниот кадар ќе стане дефицитарен.

„Мислам дека не сме многу далеку од моментот кога ќе се соочиме реално со недостаток. Верувам дека имаме сеуште резерви. Има добар дел од младите кои можеби нецелосно ги согледуваат можностите кои ги нудат компаниите во самите зони, такашто ќе се обидеме тие можности да ги доближиме до младите луѓе во државата. Верувам дека во некој краток рок или еве да речам среден рок уште ќе можеме да одговориме на потребите на компаниите. Македонија не е изолиран случај. Земјите во регионот веќе се соочуваат со тоа“ – вели Деспотовски.

За 6 месеци во земјава влегле 240 милиони евра. отворени се речиси илјада нови работни места, а реализирани се и 1,7 милијарди евра вкупен извоз, што е раст од 11%. До крајот на годината, Деспотовски очекува  инвестиции во вредност над 400 милиони евра кои ќе отворат преку 5 000 работни места. Но плановите се едно, а реализацијата друго. Бројките покажуваат дека во земјава годишно влегуваат помеѓу 200 и 300 милиони евра. Најдобра година е 2018-та кога влегоа 614 милиони евра, инвестиции договорени од претходната влада.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста