Македонец убиен од 14 годишно дете во Бугарија

Во шумскиот предел над туристичка населба Сончев Брег, бугарската полиција вчера го пронајде беживотно тело на македонски државјанин кој брутално, до смрт, бил избоден, со остар колец. Осомничен за убиството е 14-годишникот Михаил од Несебар, кој во моментов се наоѓа во притвор. Тамошните надлежни институции велат дека убиениот е 49 годишниот Игор Николовски од Македонија, кој со години живеел и работел во Бугарија.

  • „Полицијата почнала со акции, испрашувала сведоци, гледала снимки од видео камерите, откривајќи дека Игор се движел со малолетникот. Кривичните истражители веднаш утврдиле дека се работи за 14-годишниот Михаил. Го однеле на распит во полициската станица Несебар и додека разговарале со него добиле порака за пронајдено тело. Веднаш била формирана група, се преземаат процесни и истражни дејствија за утврдување на вмешаност на малолетникот. Во текот на овие дејствија е утврдено дека тој е сторителот“ – Вели високиот комесар Калојан Калојанов.

Според бугарската полиција, убиството се случило уште во саботата. А малолетникот го затрупал телото со дрвени даски, во обид да го прикрие убиството. Иако точните причини за убиството се уште не се утврдени, бугарската полиција вели едно од можните сценарија е грабеж.

Осомничениот Михаил откако го убил, му го одзел телефонот и 1800 лева. Тој бил проблематичен и имал криминално досие. Против него се водат и други предистражни постпки за разбојништво и кражба. Од тамошното обвинителство велат дека ако биде осуден, му се заканува затворска казна од 5 години поради тоа што е малолетен.

  • „Уапсениот е обвинет по чл. 115. Меѓутоа, поради неговата возраст, максималната казна што може да ја добие е до 5 години затвор. Но, доколку обвинението се преквалификува во убиство за себична корист, казната може да биде поголема. – Вели надзорниот обвинител Иван Кираков

Од македонското министерството за надворешни работи само неколку реда соопштение во кое ја потврдуваат големата трагедија.

  • „Според првични информации кои Амбасадата на Република Северна Македонија во Република Бугарија ги доби од надлежните институции на Република Бугарија, во текот на вчерашниот ден во Бугарија е пронајдено безживотно тело на И.Н. (49 години), државјанин на Република Северна Македонија.“ – Соопштуваат од МНР.
    Оттаму додаваат дека нашата амбасада во Софија продолжува да биде во редовна комуникација со надлежните органи во Бугарија.

Според досегашните информации, Михаил и Игор претходно не се познавале. Игор пристигнал на Сончев Брег два дена пред убиството, а во Бугарија работел сезонски.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста