Мавровски: И во најзимските месеци, РЕК Битола тешко дека ќе работи со сите три блока

„Со вакво бавно темпо на решавање на проблемите и со се’ поевидентната нестручност, тешко дека во престојните најстудени зимски месеци, декември и јануари, РЕК Битола ќе работи со сите три блока. А тоа ќе значи дека ќе мора пак да купуваме скапа струја“ – вели поранешниот директор на РЕК Битола, Спиро Мавровски. Тој е загрижен и дека постои можност да се појават и дополнителни проблеми со транспортот на новиот трансформатор од Грција до Македонија заради лошата патна инфраструктура, а кој веќе трет ден патува од Турција и во земјава треба да стигне на 22 ноември.

– „Ако имаме некоја поголема зима да фати после први декември, загубата што ЕСМ треба да ја направи за да купи струја од слободниот пазар ќе биде многу голема… До први декември дека ќе работат трите блока е невозможно и потврдено од нивните изјави. Штом се вклучи Третиот блок, дали тоа ќе биде на први или на 15-ти декември, тоа зависи од подготвеноста кога ќе го донесат трансформаторот во РЕК Битола и второто дека веднаш после тоа почнува ремонт на Вториот блок. Тоа значи уште најмалку еден месец нема да има три блока, туку ќе работи пак со два блока“ – изјави за Алфа, м-р Спиро Мавровски, поранешен директор на РЕК Битола.

За набавката на новиот трансформатор од Турција, преку бугарската фирма „Актаел Н ЛТД“, за енормно висока сума од 5.540.000 евра без ДДВ, пред два дена реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. „Од интернет можат да се најдат информации дека оваа Компанија е основана во јуни 2018 година, со капитал од само 5.000 лева како Друштво со ограничена одговорност од едно лице, а во 2019 има само пет вработени и вкупен обрт од 219.000 лева. Во основната дејност стои дека е купување- продажба на стоки и друга опрема во обработен и необработен вид.

Оваа Компанија, трансформаторот го набавила од фабриката „Астор Енерџи Анкара“ од Турција и според Договорот склучен во јули годинава, трансформаторот требало да биде донесен и ставен во погон за само 110 дена, односно до 15-ти ноември, што не се случи“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ. Тие прашуваат и дали станувало збор за нов или пак за репариран трансформатор.

Инаку, новиот трансформатор кој треба да го замени лани опожарениот, од Турција тргна дури пред два дена, со една недела задоцнување. 400-киловолтниот трансформатор тежи 240 тони и се пренесува со специјална композиција преку патен транспорт низ Турција, бродски и патен транспорт низ Грција, и патен од преминот “Меџитлија“ до РЕК Битола. Композицијата долга 60 метри побарува специјални услови за движење, зајакнување на патната инфраструктура на одредени делови на трасата, посебна сообраќајна регулација и управување со мала брзина.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста