Лош маркетинг на Владата: Потпишувањето договор на македонски јазик не е историски успех, туку секојдневие

Потпишан договор на македонски јазик среде Скопје не е историски успех, туку секојдневие. Договорот за Фронтекс е само еден од стотиците. Сите меѓународни договори на Македонија се потпишани на македонски јазик. Договорите на нашиот јазик биле и во времето на Југославија, кога биле потпишувани од македонски политичар. На македонски се и договорите со Грција и Бугарија, како и членството во НАТО.

Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски за Алфа вели дека секој меѓународен договор согласно Уставот, македонските претставници може да го потпишат исклучиво на македонски јазик. Се спротивно од тоа според него е тешко кривично дело. 

-Праксата меѓународни договори да се потпишуваат на македонски јазик постои уште пред јас да бидам роден или уште од времето пред да бидат родени премиерот Ковачевски, вицепремиерот Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи. Станува збор за една пракса која што постои речиси 50 години, речиси половина век во Македонија, изјави Боцевски.

Поради ова помалку и чудно е зошто власта слави потпишување на договор на македонски јазик, иако тој е само еден од стотиците потпишани на македонски. Според Боцевски по прифаќањето на поразителниот за Македонија француски предлог, власта сега се обидува секојдневието да го претстави

-Владата сега се обидува од петни жили да докаже дека направила некој нов квалитет, кога сите знаеме дека Владата само не направи заложник на најцрниот бугарски шовинизам. Значи во моментов бугарските националисти се изживуваат со Македонија. За жал дури и умерените луѓе, умерените струи во Бугарија сега се заробеници на една ваква шовинистичка политика. Така што она што можам да го кажам е дека тие се обидуваат да ни кажат дека направиле нешто ново, а во случајов тоа нешто ново постои уште од времето пред јас да се родам, изјави Боцевски.

И покрај тоа што реалноста е едно, а тоа е дека сите меѓународни договори се потпишани на македонски јазик, власта пред се премиерот Димитар Ковачевски сепак се обидуваат договорот за Фронтекс да го продадат како голем историски успех.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста