Лоши квалификации, девалвирање на политичкиот ривал, лицемерие – ваква атмосферата на македонската политичка сцена

Крајно лоши квалификации, девалвирање на политичкиот ривал, негативна комуникација, лицемерие – вака може да се опише атмосферата на македонската политичка сцена. Аналитичарите се децидни дека со ова однесување, политичарите прават штета и на нивниот рејтинг но и на државата. Тоа што не бираат зборови кога се обраќаат кон својот политички опонент можеби краткорочно мобилизира поддршка но крајниот резултат е продлабочување на поделбите во опшстеството. Според претседателот на Институтот за демократија Социетас Цивилис, Марко Трошановски – комуникацијата меѓу политичките елити е циркус и затоа партиите се само губитници со овој начин на реторика.

Можеби краткорочно мобилизира поддршка, ги попалува луѓето да емотивно реагираат или направат посилна релација со темата со која се зборува, но освен таа придобивка која мора да се храни со нова и нова таква емотивна, навредувачка, негативна комуникација, сето останато е само на штета, на јавноста, на демократските процедури, добивате јавност која што не е информирана, добивате јавност која е малициозна, простодушна, не размислува низ рационален фокус туку ја сведува комуникацијата на политички циркус, и добивате политики зад кои не може да се застане со општествен консензус, и добивате поларизација. Ако најдете политичари кои ќе се согласат што е добро што другиот противник направил, или една тема за која се согласуваат и двете страни, тогаш сме чекор понапред на едно демократско општество, тоа не е случај сега – вели Марко Трошановски  – претседател на Институт за демократија „Социетас цивилис“.

Лицемерието како таканаречен главен постулат на политиката носи мали поени и е на штета на граѓаните смета Трошановски. Затоа не се за изненадување резултатите на сите последни анкети кои покажуваат дека голем дел од луѓето веќе не се препознаваат ниту во партиите ниту во лидерите.

Според аналитичарот Благојче Атанасовски, начинот на кој функционира повеќепартискиот систем во Македонија, наместо да донесе демократија, само ги деградира и онака лошите партиски состојби. Препукувањата пред камери пак, се само еден вид политички театар за пред јавност.

Пред камери настапуваат жестоко, а кога ќе се спуштат камери се однесуваат како блиски пријатели. Лицемерието владее на политичката сцена. Тоа не е добро, бидејќи вие имате свое гласачко тело и ви верува, но кога тоа лицемерие преовладува, се намалува довербата. Станува збор за професионализирана, добро увежбана глума, еден вид политички театар за пред јавноста. Станува збор за ниски политички морал, само дел од политички фолклор. Ние сме навикнати дека политичарите настапуваат жестоко, но тие го прават за личен бенефит, за партиски бенефит а многу малку верува во тоа што го вели и застапува, лицемерно и непристојно е да се обвинувате пред камери, а на крајот вие кога ќе се исклучат светлата да се правите дека ништо од тоа што се го рекле не вреди – вели Благојче Атанасовски – политички аналитичар.

Антимакедонска СДС или криминално ДПМНЕ, ова е само еден пример на дневни партиски соопштенија кои покажуваат како политичките партии не бираат зборови. Реториката оваа година се заостри многу повеќе од претходните бидејќи во 2022 година имаше бројни случувања на политичката сцена кои премногу ги поделија граѓаните. Според аналитичарите квалификациите кои ги одбираат политичарите често го надминуваат добриот тон и домашното воспитуваање што воопшто не доликува на високи партиски или државни функционери.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста