Лични бизнис интереси за увоз на јаглен од Косово ги „запалија“ огнените момци во ДУИ?

Ниту потврда, ниту демант од ДУИ за тврдењата дека увозот на јаглен од Косово и бизнис интересите при неговиот транспорт, наводно се главната причина за кавгата во партијата на Али Ахмети. За ова директно прашање поставивме и до портпаролот на партијата, министерот за надворешни работи Бујар Османи, но одоговор од таму се уште нема. Пожарот во ДУИ барем пред медиумите е изгаснат. Али Ахмети прифати дел од барањата на огнените, па сега ќе се бара ново партиско раководство.

=На 15 октомври ќе се свика состанок на Генералниот совет како највисок орган меѓу два конгреса. Овој совет ќе избере претседателство, надзорен совет, изјави Ахмети.

Се поставува прашањето дали  од функција ќе замине Артан Груби, кој е главниот внатрепартиски проблем кај Ахмети. Ова го побара Изет Меџити, кој кажа дека ако опозицијата поднесе интерпелација, тој ќе гласа за. Ваквото барање на пратеникот на ДУИ не го прифати опозициската Беса, од каде соопштија дека во моментов не планираат да поднесуваат интерпелација за првиот вицепремиер.

-Нема такво нешто во моментов, но не исклучувам дека во иднина како опозициска партија нема да поднесеме интерпелација за министри на ДУИ и власта генерално, порача Фадил Зендели, пратеникот на Беса.

Муса Џафери претходно објави дека доколку не биде разрешен или пак Груби самиот не замине од функција, ситуацијата во ДУИ може да ескалира. Вицепремиерот не сака да си оди. Не бил незаменлив, ама сега не било време.

-Никој не е незаменлив, но се наоѓаме во пресудни моменти ви кажав и сметам дека сите треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи со кои се соочуваме, изјави Груби.

Огнената група во моментов има три пратеници, им фали уште еден за да можат да го разнишаат престолот на Груби. Покрај Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику дел од огнените момци стана и Кастриот Реџепи, поранешниот пратеник на БЕСА, кој не се појави на клучната седница за уривање на Владата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста