Лидерската средба да не се злоупотребува за партиски цели, предупредуваат аналитичарите

Лидерска средба е потребна секогаш кога треба да се најде решение, да се постигне консензус и унифициран став на сите политички чинители за теми кои ги засегаат граѓаните и иднината на Македонија, но тој состанок не треба да се злоупотребува за постигнување лични или партиски цели. Во пресрет на лидерската средба која треба да се одржи во понеделник, дел од аналитичарите предупредуваат дека со барањето на албанскиот политички блок за интервенции во Уставот, ќе се создаде дефокус и разговорот ќе замине во тотално различен правец.

За жал, се настапува од база на одредени политички партии, како од албанскиот блок со одредени барања, и не се разговара за таа тема која е планирана, како уставните измени, или барањата на опозицијата за тема да биде кризата. Сега гледаме информации од албанскиот блок каде на таа средба ќе се отворат прашања за менување на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20% од луѓето“, така се создава еден дефокус. Ние гледаме еден јамб во најава, на некој начин уцени па можеби и латентни закани, и преку извршување на еден вид на притисок, тие прашања да поминат институционално – вели аналитичарот Благојче Атанасовски.

Дали е можен консензус на политичките партии за важните прашања е тешко да се одговори. Посебно ако се земе предвид дека власта и опозицијата имаат дијаметрално спротивни ставови за многу клучни прашања. Сепак, вели Атанасовски, партиите треба да покажат одговорност и на прво место да се стави државниот и општествениот интерес.

Сите политички лидери треба да покажат одговорност, над својот личен и партиски интерес, да се стави државниот, општествениот, националниот интерес, кога станува збор за општото добро на сите граѓани, приоритет е решавање на горливите проблеми, и затоа е потребно обединување – додава Атанасовски.

Според најавите од Владата на лидерската средба треба да се разговара за одлуките кои во иднина ќе треба да се носат со широк концензус, а премиерот во повеќе наврати упати апел до сите партии да седнат на иста маса и да постигнат унифициран став за европската иднина на Македонија. Сепак опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е потребна лидерска средба доколку не се разговара за економската криза. Оттаму велат дека разговор за промена на Уставот би бил беспредметен и дека фокус треба да биде како да им се помогне на грѓаните и стопанството да го надминат овој тежок период. Во меѓувреме, албанските партии обединети побараа формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20% од граѓаните“ во Уставот, да се замени со „албански јазик“. Своето присуство го потврдија од опозициската Алијанса за Албанците, од каде велат дека ќе ги истакнат своите барања кои ги имаат, за да гласаат за уставните измени.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста