Лекари од КАРИЛ сведочеа за случајот со убиениот Денис Тот

Повредата на ‘рбетниот мозок и лицето кај Денис Тот немало да го смени курсот на лекување. Спротивно на она што се обидува да го докаже одбраната, Директорката на КАРИЛ, Маја Мојсова Миовска сведочеше пред судот, дека причината за смртта на хрватскиот ракометар бил престанокот на работа на срцето или дишењето. На прашањето дали забележала надворешните повреди на лицето и главата на Тот, Мојсова одговори дека на видливите делови не успеале да видат нешто што ќе ја објасни состојбата во која се наоѓал претепаниот ракометар.

  • За жал ние сме анестезиолози и немаме алатка која што може да ни даде увид во тоа која е главната причина за смртта, ние во тој момент немавме податок. До моментот кога пациентот почина немавме никаков податок што се случило со тој пациент“, рече Мојсова.

И лекарката Билјана Андоновска, исто така од КАРИЛ, по предлог на одбраната сведочеше дека пациентот бил донесен без знаци на живот и без срцева акција. Прашана за причината за смртта, Андоновска одговори дека немале изведено заклучок.

  • „Првичната информација беше дека колабирал во кафич, се спровела долга реанимација, беше спроведена компјутерска дијагностика, беа повикани сите специјалности за кои што мислевме дека можат да помогнат, беа направени низа биохемиски и микробиолошки анализи, пациентот во текот на целото лекување беше респираторно и хемодинамски поддржан. Со оглед на нејаснотиите за причината за смртта, пациентот беше испратен на судска медицина“, сведочеше Билјана Андоновска-лекар на КАРИЛ.

Бранителите на обвинетите се децидни дека лекарите до последен момент не знаеле од го што лекуваат Тот и покрај тоа што му била направена целосна томографија.

  • „Повредите се во делот на главата, оние што ги констатира судска медицина, кои како такви морало да бидат видливи и евентуално во насока на нив се преземат и други дејствија. И она што го потврди е комплетна комјутерска томографија. Такво снимање мораше да ја покаже повредата, затоа што тие лекуваа но до последен момент не знаеа од што лекуваат, што е причината и зошто го изгубија пациентот“ – изјави Еленко Миланов, адвокат на обвинетиот Андреј Костовски.

Обвинителката Тања Трајчевска претходно изведе материјални докази – рентген снимки од оштетениот Денис Тот изготвени од Судска медицина. Основното јавно обвинителство Скопје ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. Судењето продолжува на 31-ви октомври.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста