Лекарите Лазаров и Коцев со жалба и до второстепена комисија заради третманот во кочанската болница

Младите лекари Стојан Лазаров и Андреј Коцев од Кочани продолжуваат со  битката за докажување на како што велат, нанесената неправда што им е направена при огласот за вработување во кочанската Општа болница. Лазаров и Коцев веќе поднеле претставка во Народниот правобранител. Официјално барање за средба  испратиле и до кабинетот на министерот Беким Сали, а во петок ќе достават и жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Тие и понатаму остануваат на ставот дека неосновано се одбиени. Според ранг листата иако  Лазаров и Коцев успеале да се рангират на трето и шесто место, директорот одлучил наместо нив на неопределено време ги прима кандидатите кои по просек, поени од англиски јазик и стручниот испит се рангирале на седмо и осмо место.

Во овој случај директорот самоволно одлучува и оди против ранг листата и против комисијата„-изјави Стојан Лазаров, млад лекар од Кочани.

  „Ако директорот сам одлучил, тогаш која е потребата од формирање на Комисија и полагање„-праша Андреј Коцев.

Директорот на болницата Александар Серафимов со писмено соопштение се вади со Законот за здравствена заштита во кој се наведува дека работодавниот орган на здравствената институција, врз основа на ранг листата предложена од комисијата за селекција, доколку има повеќе од тројца кандидати кои ги исполнуваат условите спроведува интервју и донесува одлука за избор .

Двајцата млади лекари се решени работата да ја истуркат докрај, а победата како што велат, ќе им ја посветат на сите млади лекари кои наместо во државата, како професионалци  се реализираат во странство.Според Лазаров, случајот со вработувањето во кочанската болница не е единствен. Да не се примат кандидати кои имале повисоки поени има и во други здраватвени институции во државата.

Токму ваквите неправилности, лошите услови за работа и ниските плати се причина за голем дел од идните лекари додека уште студираат својата егзистенција ја гледаат во некој од европските земји.  Според Асоцијацијата на млади лекари и специјализанти во изминатите три години 800 лекари ја напуштиле државата, а дипломирале само 600.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста