Лебот, млекото, маслото и месото најверојатно ќе поевтинат, но дури по Нова Година

Пониски цени на лебот, млекото, сирењето, месото, маслото за јадење за 10% во маркетите ќе има дури по Нова Година. Компаниите ќе добијат за повеќе од половина поевтина струја, односно 80 евра за мегаватчас дури од први декември. Фирмите од мелничко-пекарската индустрија велат дека договорите за електрична енергија ќе се склучуваат во текот на ноември, па додека пазарот да се стабилизира и конкуренцијата да си го направи своето, пад на цените би можело да се очекува од следната година.

Компаниите очекуваа, но не добија дополнителни мерки освен оние за струјата. Од Агробизнис комората рекоа дека за има поголеми поевтинувања, Владата треба да интервенира и со други придружни мерки.

Најавите за поевтини основни прехранбени производи за 10% беа дадени согласно сегашните цени на инпутите. Меѓутоа, фирмите сега велат дека поради ескалација на воената состојба во Украина, пченицата и другите житни култури поскапуваат, па суровините можат да извршат нагорен притисок врз цените. Во тој случај поевтинувањето би било или минимално или воопшто и не би се случило.

Ако фирмите навистина ги намалат цените за 10%, тоа значи дека лебот може да се продава за 5 до 8 денари поевтино, маслото за јадење за 15 денари, а млекото за 7 и пол денари поевтино. Сирењето кое енормно поскапе, би требало да се продава сега поевтино за 25 до 50 денари. Владата најави дека ако трговците не ги спуштат цените за 10%, следен чекор ќе биде замрзнување на крајните цени на производите. И покрај барањата на бизнисот, помошта за субвенционирана струја доаѓа со задоцнување од 8 месеци.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста