Кулминираат подготовките за 18-тото издание на „Пивофест 2022“ кој ќе се одржи од 14 до 17 јули во Прилеп

В четврток на 14-ти јули, по двегодишна пауза, во центарот на Прилеп, по 18-ти пат, ќе започне четиридневната фестивалска фешта на пивото и скарата, „Пивофест 2022“. Подготовките веќе се при крај. Со оглед на интересот, организаторите очекуваат масовна посетеност, а додека градските власти – раздвижување на замрената локална економија, особено на Чаршијата. Годинава ќе има над 15 штандови, секој поставен на површина од 100, па до над 300 квадратни метри, на кои, освен скарата, ќе се служат и над триесетина видови домашно и странско пиво. 

Досега, улицата што е Булеварот, таму до Туристичко биро е еден штанд и надолу до Знамето, сето е полно. Зад Камената бина е полно, Камената бина е полна, пред Камената бина има некои шанкови, лево и десно. Има доста штандови кои се од компании што си се претставуваат со своите брендови како презентација на своите брендови си прават, на одредени места. Сакаме оваа година да биде во рамките на можностите на општината, финансиската моќ на стопанствениците, спонзорите“, – вели Пеце Стоикоски, организатор.

  Што се однесува до музичкиот дел, годинава ќе настапат дури 27 музички имиња, пришто ќе доминира македонската музика. Но тука ќе бидат и екс-ју музичките ѕвезди „Дивље јагоде“, „Галија“ и „Хари Мата Хари“. Според огранизаторите, новина во годинашното издание на Фестивалот е што освен вечерните и ноќните, ќе има и дневни музичко-забавни програми. Неофицијално, хонорарите кои годинава ги побарале музичарите за своите настапи се движат од 1.000 до 10.000 евра.

   „Се направија натчовечки напори, максимум, за да биде сето скоцкано како што треба со оглед на краткиот временски период. Но, ова што го направивме во краток временски период, значи во координација со градоначалникот, општината и тимовите од општината, направено е да биде топ“, – уверува Стоикоски.

    Инаку, своето прво издание, Фестивалот „Пивофест“ го имаше во 2002 година и да не беше двегодишниот прекин заради пандемијата, годинава требаше да го прослави својот 20-ти роденден. Во сите овие години „Пивофест“ успеа да прерасне во ултра-популарен бренд со што Прилеп и Македонија се етаблираа високо на балканската туристичка мапа. Годинашното 18-то издание на Фестивалот на пивото и скарата ќе заврши на 17-ти јули. Организатор на Фестивалот е „АРТ 10 Продукција“, во соработка со Општина Прилеп.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста