Кому му пречи историјата на Македонија? Мостот на цивилизациите во очајна состојба

Некому му пречи античката и древната историја на Македонија. Ова може да се заклучи ако се споредат мостот на цивилизациите и мостот на уметноста. На едниот ги нема буквално сите информативни табли, но недостигаат и делови од спомениците. На другиот речиси нема оштетувања.

„Повеќе од стотина лица дневно го посетуваат Археолошкиот музеј на Македонија. Околу 95 % од нив се странски туристи од регионот и пошироко, но никој од нив не може да знае што претставуваат статуите на Мостот на цивилизациите бидејќи тие подолго време се без информативни табли.

Граѓаните, но и странските туристи се зачудени за состојбата на спомениците. Дел од нив се прашуваат како е можно никој од надлежните да не покаже совест и грижа.

Најголемо оштетување има споменикот на крал Александар Први Филхелен, а од кој е целосно откорнат штитот за кој не се знае каде завршил.

Мостот на цивилизациите е во очајна состојба, освен спомениците оштетени се и плочките, како и стаклениот под.

Подолго време ја нема ни информативната табла на Палатата Александар Македонски во која е сместен Археолошкиот музеј на Македонија.

Таблите, пак, на кои пишува дека овие споменици претставуваат личности од хеленската цивилизација, кои беа поставени согласно Преспанскиот Договор, се единствената информација која е истакната.

Алфа уште вчера побара став од МВР, а оттаму само кусо ни одговорија дека никој не ни пријавил дека фали дел од овој споменик.

Два дена мајката на градот Данела Арсовска која е надлежна за одржување на спомениците во градот ја нема ни под дрво ни под камен. Ниту таа, ниту некој од нејзиниот кабинет одговара на нашите прашања – зошто никој не ги обезбедува и одржува спомениците и дали ќе бидат санирани оштетувањата?

Алфа веќе три недели чека одговор од Град Скопје и за украдените бисти на народните херои во градскиот парк. Таму повеќе ги нема Коле Неделковски, Орце Николов и Никола Вапцаров, а во меѓувреме исчезна и бистата на Цветан Димов.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста