Комисијата никако да заживее: Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов ќе „живеат“ и по 16-ти март

Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов ќе живеат и по 16-ти март, кога е крајниот рок да го променат своето име, ако итно не бидат најдени двајца нови членови на Комисијата која треба да одлучува за нивната судбин. Сепак оваа Комисија никако да заживее, двајца од членовите се повлекоа, а меѓу нив и урологот Живко Попов, кој самиот си кажал дека се чувствува некомптетен да биде дел од ова тело. Се поставува прашањето зошто воопшто доктор бил ставен во позиција да одлучува за историски прашања.

Проблематично е што според нашите информации, МАНУ се уште нема доставено предлог замена за досегашниот член, па со самото тоа е невозможно оваа Комисија да почне со работа. А дека таа е клучна за евентуално ставање клуч на клубовите именувани по спорни историски личности потврди и премиерот Димитар Ковачевски. 

-Оние здруженија кои што нема да го почитуваат законот и кои што нема да се усогласат согласно со законските одредби во предвидениот рок, а согласно одлуките на Комисијата предивдена со закон, тогаш ќе се постапува со нив од Централниот регистар, согласно со законот. Тоа важи во сите области во државата, не може да има исклучоци во применување на некој закон во една област, да има исклучоци за применување на некој закон во друга област, изјави Ковачевски.

Според законот кој едногласно беше изгласан во Собранието, Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов ќе мора да ги променат имињата до 16-ти март, инаку им се заканува клуч на врата. Сепак, тоа по се изгледа ќе биде одложено, додека не започне со работа Комисијата. Од битолскиот клуб кажаа дека нема да бараат промена на името, а во медиумите беше објавено дека тоа ќе го стори охридскиот клуб, што беше демантирано од Томе Блажевски, првиот човек на „Цар Борис Трети“

-На 10 февруари доставивме писмо до подрачната единица на Централниот регистар на РС Македонија во Охрид. Во истото писмо истакнавме неколку барања, а имено да добиеме писмено известување со насоки за тоа како, под точка еден, начинот на кој здружението да го осогласи своето работење со Законот за здруженија и фондации по изгласаните измени и дополнувања, второ рокот во кој здружението е задолжено да го усогласи своето работење… Во нашето писмо никаде не наведуваме дека сакаме да извршиме промена на името на здружението „Цар Борис III“, кажа Томе Блажевски.

Дека бугарскиот културен клуб од Охрид не побарал промена на своето име кажа и директорката на Централниот регистар, Елена Бошковска Јанковски. Таа смета дека со доставувањето на несоодветна документеција, од „Цар Борис Трети“ само купувале време. Инаку, Централен регистер до Министерството за правда го поднел целиот список на здруженија и фондации во земјава, во кој има и други несоодветни имиња освне имињата на неколку бугарски клубови.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста