Кога министрите ќе почнат да доаѓаат на работа со велосипед, наместо со скапи службени возила?

Ќе дочека ли Македонија некој функционер да не го користи службеното возило за одење и враќање од работа? Во Европа е пракса политичарите да дадат пример за заштеда на гориво, па некои одат на работа со велосипед, тротинет, сопствен автомобил или пак со користење на јавен превоз. Во Македонија, барем засега, ваков случај нема. Пред неколку години имаше обид од еден поранешен функционер да пристигне на работното место со велосипед, но се остана на тоа.

Откако пандемиската криза се пролонгираше поради избувнувањето на економската криза по стартот на војната во Украина, премиерот им наложи на министрите да штедат и за тоа да поднесуваат редовни месечни извештаи. До денес, јавноста нема информации кој колку заштедил на авионски билети, трошоци за гориво, транспорт. На алатката за отчетност на Владата, која треба да даде увид во трошењата на министрите податоците одамна не се ажурирани, па последни за споредба се трошоците од 2019-та година. Со ребалансот на буџетот требаше да се скратат и 200 милиони евра од парите за мебел , автомобили, но и  од други непродуктивни трошоци.

Планирано е патните и дневни расходи кои првично изнесувале над 11 милиони евра, да се зголемат на 14,7 милиони евра. Сумата за купување на возила, пак, требало да се намали од 5 и пол милиони евра на 3,7 милиони евра. Изминатите години , не ретки беа случаите на купување луксузни возила и набавка на скап мебел за потребите на државните органи и агенции. Со прекројувањето на државната каса, голем дел од министерствата се обврзаа да ги скратат патните трошоци. Сепак, дел од нив не го направија тоа, како Министерството за политички систем и Агенцијата за странски инвестиции, додека некои дури и ги зголемија овие ставки. На пример, зголемени се патните и дневни расходи во Министерството за одбрана, МВР, Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за култура, како и Министерството за локална самоуправа, кое си ја зголемило и ставката за купување мебел од нула на 8 илјади евра.

И од невладиниот сектор реагираа дека владата многу троши на службени возила. Во последниве три години биле потрошени над 5 милиони евра за лизинг за автомобили. Дополнително, во изминативе две години за набавка на нови возила биле потрошени 3 милиони евра. Варијантата лизинг се користи од 2013-та, па 23-те возила сега се 45. И додека јавноста бара рационално да се купуваат возила, трошоците за набавка, гориво и одржување растат.

Од први септември државните институции се обврзаа да ја намалат потрошувачката на струја за 15%. Засега, од Владата нема стриктна наредба да ги намалат трошоците за службени патувања, авио превоз и да го користат јавниот транспорт.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста