Ковачевски продолжува да молчи за скандалот со Џафери, Мицкоски се срами што го познава спикерот

Адријана Алексиеска
Врз основа на прислушкувани телефонски разговори во 2016 падна власт, тогаш опозициските бомби ја зовреа политичката криза а дел од обвинетите се уште издржуваат затворски казни. Сега, власта не најде за сходно да реагира за скандалозниот чин во Собранието и недоличното однесување на спикерот Талат Џафери, кој исто така во Собранието се смести по принципот на прислушкувани разговори. Неговите пцовки и навреди, не се доволни премиерот Ковачевски, барем декларативно да застане на страната на пратениците кои беа навредувани од нивниот шеф. Премиерот и денеска повтори – на снимката не се знаело кој со кого зборува, иако е повеќе од јасно дека гласот е токму на Талат Џафери.
„Јас кажав и вчера, на снимката не се знае кој со кого зборува“ – вели Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски остро реагира – вели срам му било што го познавал, а уште поскандалозно е молчењето од високите политички инстанци, бидејќи сето ова помина речиси тивно и незабележано.

„Се срамам што ете така животот ме натерал да го запознам тој човек и навистина не можам да го разберам што е тоа толку што го држи Ковачевски при уши глув при очи слеп да мора јавно да го премолчува, што е тоа што го има заробено а да го трпи овој срам и ова понижување и тој лично но и граѓаните“, нагласи Мицкоски.

Скандалот доаѓа во време кога опозицијата го блокира Парламентот, а дури од следната недела ќе се знаат следните чекори на ВМРО ДПМНЕ. Опозициската партија чека одговор од премиерот за датум за лидерска средба на која треба да се разговара за парламентарни избори. Ковачевски пак не е загрижен за блокадата и вели дека Собранието функционира – спремен бил за лидерска средба но не било време за избори.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста