Ковачевски: Провокатори нема да влезат во Македонија- не сакаше конкретно да одговори дали ќе бидат пуштени Џамбаски и Костадинов

Ниту еден провокатор или човек што го негира македонскиот народ и држава и ги нарушува чувствата на Македонците, утре нема да влезе во Македонија, порача премиерот Димитар Ковачевски. Сепак, имиња не спомена. Директно запрашан дали ќе им биде дозволен влез на Ангел Џамбаски и Костадин Костадинов, повторно не сакаше да каже имиња, само кажа дека конкретно одговорил.

-: Сите оние кои што се недобронамерни, кои што се провокатори, кои што го негираат македонскиот народ, кои што ја негираат македонската држава, кои што ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани, тие нема да во државата. (ЗНАЧИ ЏАМБАСКИ И КОСТАДИНОВ ЌЕ ВЛЕЗАТ ИЛИ НЕ?) Јас ви одговорив многу конкретно. (ДАЛИ МОЖЕ ЗА ТИЕ ДВАЈЦА КОНКРЕТНО?) Јас ви одговорив многу конкретно, изјави Ковачевски.

Ковачевски повика на мирно чествување на роденденот на најголемиот македонски револуционер и порача да нема провокации

-Сакам да апелирам сите оние здруженија, патриотски итн, кои што сакаат овој настан да го искористат за провокации, исто како што минатиов период имавме провокации од поединци и од групи само со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседни држави, треба да се воздржат и да не користат вакви настани, изјави Ковачевски.

Порака за мирно чествување и до Македонците и Бугарите испрати и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-Секој граѓанин на Република Бугарија и која било друга држава е добредојден во Македонија. Но, секој мора да се однесува со почит кон нашата држава, кон македонскиот народ. Сакам да упатам порака и кон сите наши граѓани. Почитувани граѓани, да покажеме зрелост и да не дозволиме да се подгрева национализам преку говор на омраза и омаловажување, изјави Османи.

Изјавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ со сите свои структури ќе учествува на манифестацијата во црквата Свети Соас, за ден без немили сцени повика и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

-Повикуваме на достоинствено одбележување и морам да потенцирам дека во 30 годишното чествување на оваа манифестација прв пат утре за граѓаните ќе биде затворена улицата, за да не можат да се движат и тоа ќе биде обезбедување со полиција, изјави Мицевски.

На мирно чествување претходно повика и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Тој ги повика Македонците да не подлегнуваат на провокациите кои што секојдневно се присутни, кои според него имаат само една цел и одат во полза само на Владата предводена од СДСМ и ДУИ и на интересите на Бугарија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста