Ковачевски по стапките на Заев: И новиот премиер реши да го одбегне гробот на Гоце Делчев на четврти мај

Премиерот се смени, праксата воспоставена последниве години, шефот на Владата да не го посетува гробот на Гоце Делчев, на годишнината од неговата смрт сепак не се промени. По Заев, и Ковачевски реши да ја одбегне црквата Свети Спас на четврти мај. И тоа во моменти кога Македонија преговара за промена на историски факти по барање на Бугарија. Една од историските личности е токму и Гоце Делчев, за кого официјална Софија бара да сме признаеле дека бил бугарски револуционер.

Иако историските факти говорат друго, а тоа е дека Делчев се борел за слободна македонска држава, нашата власт минативе години почна да се откажува од нашиот најголем историски херој. За екс премиерот тој стана и бугарски, покрај македонски револуционер.

-Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев.

-Одличен мегдан е нашиот заеднички историски јунак, Гоце Делчев, изјави Заев.

-Да го немаше Гоце, ќе требаше да го измислиме, да биде мост на пријателство меѓу двете земји, изјави Заев.

Токму на чествувањето на годишнината од смртта на Делчев пред две години владината делегација предводена од тогашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска доживеа непријатна сцена, поради која реши да не дава изјава. Не и се допадна кога собраните луѓе почнаа да скандираат „Никогаш Северна“.

Димитар Ковачевски наместо во улога на премиер да се појави на гробот на Делчев, реши само да напише статус на Фејсбук во негова чест.

-Гоце Делчев беше лидер кој застапуваше вредности за обединување околу идејата за независна македонска држава кои ги споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите  идеали и заложби остануваат наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, пиша Ковачевски.

Ковачевски гробот на Делчев го избегна и на четврти февруари кога се одбележуваа 150 години од неговото раѓање. Тогаш премиерот беше во странство.

За разлика од претходните години, оваа година во црквата Свети Спас се појави претседателот Стево Пендаровски, кој исто така испрати порака преку Фејсбук.

-Тој не е само апостол на македонската револуција, тој е светски хуманист со високи интернационални и космополитиски погледи, пиша Пендаровски.

Последен пат во посета на гробот на Делчев во улога на премиер беше Зоран Заев, но не сам, туку заедно со претходниот бугарски премиер Бојко Борисов, на први август 2019-та година.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста