Ковачевски не сака да чуе за Референдум

Премиерот Димитар Ковачевски не сака да слушне за Референдум. Барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ било нерелевантно и за внатрешна политичка употреба. Според него, народот се изјаснил за македонските евроинтеграции уште на Референдумот во 1991 година и не чувствува потреба да го слушне мислењето на граѓаните, дали сакаат под вакви услови да се води преговарачкиот процес за влез во Европската Унија.

Македонија ги почна преговорите и тоа ги почнавме со чист македонски јазик, со заштитен идентитет, напишано на хартија и потврдено од претставници на Европската комисија. Оваа држава од денот на одржувањето на првата меѓувладина конференција, го започна патот кон зачленување во ЕУ. Од тој пат нема ниту назад, нема ниту лево, а уште помалку има десно кон Исток, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кој треба да биде против зачленување во ЕУ – вели премиерот Ковачевски.

Од, опозицскита ВМРО-ДПМНЕ која претходно побара поддршка од власта и сите политички партии за одржување на Референдум, обвинија дека Ковачевски го множи народот со нула и покажал дека не му е важен ставот на граѓаните.

И денеска Ковачевски оди со глава во ѕид против народот, без да понуди едно рационално објаснување зошто бега од референдум. Ако е се како што кажува Ковачевски, тогаш нема причина да се плаши за своите политики. Но очигледно Ковачевски е свесен дека народот е против асимилацијата која тој ја турка и затоа бега од соочување со него. Тој треба да биде свесен дека со ваквиот однос кон народот тој самиот ќе биде нула и на референдумот и на следните избори – стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Се уште се во тек консултациите со експертите и членовите на партијата за тоа како точно би гласело референдумското прашање, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека формулацијата е многу блиска до предлогот кој претходно го даде претседателот Стево Пендаровски.

Опозициската партија стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени на што се задолжи Владата со прифаќањето на францускиот предлог. Дека отворањето на Уставот е главен услов во преговарачкиот процес, призна и премиерот Ковачевски. Македонија ќе треба да направи доста законски па и уставни измени, во спротивно процесот ќе биде стопиран.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста