Ковачевски не сака да го коментира претседателот: Пендаровски сам да каже дали згрешил и се мешал во судството

Пендаровски сам да си одоговорел дали е мешање во работата на правосудството пораката дека без судии и обвинители зад решетки, не можеме да очекуваме правда. Велејќи дека неговиот говор бил државнички, не сакаше да одговори на прашањето дали според него е во ред политичар да бара затвор за судии и обвинители.

-Јас секогаш сум се воздржувал од коментирање на другите власти во државата, како што е законодавната власт, судската власт итн, па и локалната власт. (ДАЛИ Е ВО РЕД- ДА ИЛИ НЕ?) Тоа ќе морате да го прашате претседателот, сепак тој е претседател на државата, изјави Ковачевски.

Непрецизен одговор од премиерот добивме и на прашањето околу тоа дали има информации дека актуелни функционери може да се најдат на црната листа на САД.

-(ПРЕМИЕРЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЧЕРА ИЗЈАВИ ДЕКА НЕ Е ИСКЛУЧЕНО НА ЦРНАТА ЛИСТА НА САД ДА СЕ НАЈДАТ И ИМИЊА НА АКТУЕЛНИ ФУНКЦИОНЕРИ, ПА КОЈ СЕ ВАШИТЕ ИНФОРМАЦИИ ОКОЛУ ОВА?) Не е исклучено. (САМО ТОЛКУ?) Да, кратко кажа Ковачевски.

Избегнувањето одговори на новинарските прашања стана пракса на премиерот последниов период. Пред една недела велејќи дека разрешени биле директори поради недомаќинско работење, кажа дека нема да ги кажува нивните имиња за да не им го нарушел професионалниот интегритет. Ваквиот став на премиерот е помалку чуден со оглед на тоа што станува збор за јавни функционери, кои што за својата работа мора да одговараат пред граѓаните.

Инаку, ваквите изјави доаѓаат од шефот на Владата, која секогаш е со полни усти самопофалби за својата транспарентност и отчетност пред граѓаните и медиумите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста