Ковачевски молчи за споменикот на УЧК и пораките на Ахмети, не се знае ни зошто не беше во Слупчане

Личен избор бидејќи не се сложува со споменикот на УЧК во Слупчане или не беше поканет- зошто претседателот на Владата Ковачевски вчера не стоеше рамо до рамо со првиот вицепремиер Артан Груби и највисоките функционери на ДУИ и Владата. Од Илинденска молк.

Зошто Ковачевски не се произнесува ни за споменикот ниту за пораките кои вчера од помалку морбидниот настан со крвави столчиња на отворањето на споменикот ги упати коалициониот партнер во власта Ахмети?

„Овој споменик не не дели, овој споменик не обединува. Ослободителната народна армија е нераскинлив дел од историјата на оваа земја. Не може да има историја на оваа земја без ОНА. Не може да има иднина без најголемото достигнување, охридскиот мировен договор, резултат на оваа армија.“ – Истакна претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Споменикот во чест на оние кои се бореа против македонските бранители чини 200.000 евра, а институциите немаат одговор за неговото финансирање, ниту пак, дали била побарана и издадена дозвола за градба. Во министерство за локална самоуправа велат, надлежно било министерството за транспорт и врски, а оттаму, надлежноста ја префрлија врз општината и министерството за култура. Во култура најпрвин беа изненадени за објектот кој се градеше цела година, а потоа ни одговорија, дека не учествуваат во изградбата или финансирањето на тоа спомен обележје. Изградбата на меморијален споменик е регулирано со закон и одлуката за поставување на споменик ја носи Собранието. Со подигнување на спомен култата во чест на жртвите на ОНА , е прекршен законот за меморијални споменици и спомен обележја, тврдат експерти од областа на заштитата на културното наследство.

Новинар: Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста