Ковачевски крие дали Онишченко сепак му ја заврши амбасадорската кариера на Виктор Димовски

Премиерот Ковачевски тактизира – не сака да обелодени дали пасошот на контроверзниот Онишченко предвреме ќе стави крај на амбасадорската кариера на Виктор Димоски. Одлуката дали тој ќе замине во Париз се крие како државна тајна, слична како неговото реферирање како поранешен директор на АНБ за тоа кој му даде државјанство на украинскиот олигарх Олександр Онишченко. Ковачевски не сака ни да ја коментира информацијата во јавноста и во дел од провладините медиуми дека Димовски ќе остане во својот дом во Скопје без поглед на Ајфеловата кула, па дури и дека му е веќе најдена замена.  За премиерот акредитацијата и испраќање на амбасадори не било нешто што се коментира во јавноста, од причина што и самите одлуки се носеле на затворени седници.

Деталите од затворени седници не се работи кои се коментираат во јавност. Ние во моментов имаме повеќе испразнети амбасадорски места во клучни престолнини во Европа кои се важни стратешки партнери. Нормално, во рамки на свои надлежности, заедно со претседателот Пендаровски и министерот Османи, тоа се прави врз основа на завршена постапка – изјави премиерот Ковачевски.

Надлежните уште кон крајот на 2022, најавија дека преку широки консултации ќе донесат одлука за Димовски, но и по две недели од новата година, никој не знае што е решено.

Случајот Онишченко заглави на Собраниската комисија за надзор на безбедносните служби, а јавноста никогаш нема да дознае ништо за одржаните седници бидејќи информациите се класифицирани. Ковачевски најави дека новиот директор на АНБ треба да поднесе извештај и до Владата, но и таа седница ќе биде затворена.

Под знак прашање е дали некогаш ќе се најде вистинскиот виновник за пропустите во АНБ, но и другите иснституции како човек кој е на црната листа на САД, доби македонско државјанство. Освен суспензијата на неколкумина ниски службеници, засега никој од повисоките инстанцци не понесе никаква одговорност.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста