Ковачевски за песимизнот на Пендаровски за уставните измени: Не можам да ги коментирам чувствата на претседателот

Не можам да ги коментирам личните чувства на Стево Пендаровски. Вака премиерот Ковачевски го оцени песимизнот на македонскиот претседател дека наредниов период во Собранието ќе поминат уставните измени. Зачудувачки, Ковачвски не го ни слушнал ставот на Пендаровски.

-Околу ставот на Пендаровски, не знам за точно кој негов став се работи. (Дека е песимист дека се можни уставните измени.) Тоа не можам јас чувствата на претседателот да ги коментирам, изјави Ковачевски.

Премиерот не знаел ниту колку пари ќе земаат членовите на работната група, која ќе треба да ги предложи уставните амандмани со цел менување Уставот и внесување на Бугарите во него.

-Хонорарите, тоа Министерство за правда треба да го определи на каков начин ќе биде, согласно закон и согласно правилници. Кога ќе биде направено ќе биде соопштено. Министерството за правда веќе ги објави делот на експертите кои се предложени од политичките партии, во текот на наредниот период тие ќе ги објават и експертите од академската фела доминантно и од стручната, односно оние кои што се занимавале со стручната проблматика во пракса, изјави Ковачевски.

Пендаровски е на ставот дека во моментов нема потреба од лидерска средба на тема уставни измени, иако бил отворен за такво нешто. Вели целосно биле спротивни ставовите на двете страни и не гледал начин за нивно приближување.

-Ако некој сака да разговараме за хрватскиот модел, другава страна вели таа работа сме решиле пред 20 и кусур години. Ако па првава страна вели да разговраме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи тоа е главна претпоставка да продолжиме кон Европа, другава страна вели не. Така што не можеш со сила некого да натераш на муабет, изјави Пендаровски.

Сосем сигурно голем проблем за власта ќе биде цврстиот став на опозицијата, дека во овој пратенички состав уставните измени нема да се случат, доколку не се прифати хрватскиот модел за кој очигледно власта нема зелено светло. Проблем секако ќе им биде и условувањето на дел од албанските партии од опозицијата дека ќе поддржат уставни измени само доколку се промени и делот со јазикот, односно само ако 20 проценти бидат заменети со албански јазик, со што тој истиот дефакто ќе се израмни со македонскиот во македонскиот устав.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста