Ковачевски за отворањето на „Цар Борис Трети“: Треба да реагираме кај македонските граѓани, нема што да реагираме кај Бугарите

Нема што да реагираме кај Бугарите, за отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, треба да реагираме кај македонските граѓани, порача премиерот Димитар Ковачевски. Запрашан дали побарал од колегите во Софија, да ги повикаат оние кои се чувствуваат како Бугари во Македонија, да не се отвораат клубови со вакви имиња, кои директно ги повредуваат чувставата на Македонците, премиерот вели вината не е кај Бугарија, туку кај нашите државјани, кои ги регистрирале овие клубови.

-Го осудувам отворањето на клуб со такво име, меѓутоа мораме да бидеме свесни дека тој клуб го отвораат македонски граѓани, така да ако треба некому да му реагираме, тоа е македонските граѓани, кои што живеат во нашата држава и кои што треба да има чувство за граѓаните кои што имаа резерва спрема тоа име, односно таа личност, изјави Ковачевски. 

Отворањето на клубови именувани по докажани соработници на фашистичкиот окупатор го осуди и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но порача дека законски не можеме да го забраниме правото на здружување на граѓани.

-Правото на здружување е уставно загарантирано право, член 12 од Уставот вели може да се организираат во здруженија дали политички, во политичка, етничка, економска итн. И тука е недвосмислено дека сите граѓани на Македонија може да се  организираат во здруженија, позитивните законски прописи тоа го овозможуваат, изјави Османи.

Го прашавме министерот дали ако некој посака може да отвори клуб и со името на Адолф Хителр, на што одговор не добивме, не упати да сме прашале во Министерстовото за правда.

-(Говорите дека немаме законски можности да спречиме, дали јас можам утре да формирам здружение Адолф Хитлер) Во Министерството за правда ќе прашате, изјави Османи.

Откако веќе беа отворени културните клубови именувани по Ванчо Михајлов и сега Цар Борис Трети, а во најава се уште неколку нови, Ковачевски сега порача дека било време да се менува законот околу регистрацијата на овие клубови.

-Јас сметам дека ние имаме премногу либерално законодоваство во однос на формирање на граѓански организации и здруженија и уште пред извесен период Министерството за правда доби задача да направи нов закон за граѓански организации и здруженија. Тие тоа го работат, меѓутоа ги повикувам сите пратенички групи во тоа да учествуваат, не само пратеничките групи туку и еврејската заедница, изјави Ковачевски.

За регистрацијата на клубовите именувани по докажани фашистички соработници досега никаква осуда нема дојдено од официјална Софија, дури клубот именуван по Ванчо Михајлов, беше отворен во присуство на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста