Ковачевски е сигурен во уставните измени, ВМРО-ДПМНЕ му порача да ги стави на маса; Ван дер Белен: Уставните измени не треба да се драматизираат

Уставните измени нема да се одложат – премиерот Димитар Ковачевски самоуверено најавува дека со формирањето на експертските групи практично ќе се одбележи почетокот на целиот процес, кој не смее да запре aко сакаме да ја исполниме европската визија.

Јас верувам дека нашата држава има капацитет, пред се, демократски, меѓутоа и европски капацитет и визија и оваа одлука за продолжување на нашиот европски пат нема да биде заложник на личната кариера на само еден човек во државата, а којшто е подготвен заради својата лична фотелја да ризикува прекинување на еден процес којшто значи обезбедување на полноправно членство во ЕУ . Нема да бидеме заложници на еден човек – изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Нејасна е самоувереноста на премиерот кога ставот на Опозицијата е одамна кажан. Според нив, единствен заложник е самиот Ковачевски, и тоа на ДУИ, ама и нивен партнер во криминалот. 

Единствениот повеќекратен заложник е Димитар Ковачевски, заложник е на ДУИ и на Ахмети и партнер во криминалот. Заложник е на минатото во партијата, се согласуваме дека нема одлагање, веднаш да ги стави уставните измени на дневен ред, а кога зборуваме за заложник, единствен заложник на сопствените незнаења и глупост и криминален карактер е самиот Ковачевски. Заложник на ДУИ и на Ахмети – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Уставните измени беа главна тема на билатералната средба помеѓу македонскиот и австрискиот претседател. Александер ван дер Белен ни порача да ги исполниме обврските кои се дел од преговарачката рамка. Но посочи и на потребата од силни заложби за правна држава, борба против корупцијата и реформи во судството.

За да може земјава кон ЕУ да напредува уште повеќе, добро е за уставни измени сериозно да се размисли и во таа насока да се носат одлуки. Имам разбирање за фрустрацијата поради долгото стоење пред вратите на ЕУ. Борбата против корупцијата е исто така многу важно прашање. Треба да се спроведат сите реформи – изјави претседателот на Австирја Александер ван дер Белен.

Претседателот Пендаровски рече дека нема да пропадне Македонија, ако малкубројната бугарска етничка заедница влезе во Уставот.

Ако опозицијата реши да не учествува ниту на експертско, ниту на политичко ниво, бескорисно ќе биде јас да се понудам за решавање на проблемот. Можам само да ја повикам опозицијата да учествува и можам да потсетам дека всушност зборуваме за прашања кои сме ги решиле пред дваесетина години со формулација  „делови од народ“ – изјави Пендаровски.

По средбата во Вила Водно, ван дер Белен положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев, се сретна со претседателот на Владата и претседателот на Собранието. Во врска со уставните измени, се обрати и пред пратениците, и им порача правилно да постапеле по ова прашање.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста