Клубот „Никола Вапцаров“ во Благоевград ќе го обжали одбивањето регистрација на истоименото Здружение

Агенцијата за регистрација во Благоевград се води од политички мотиви наместо да делува законски – остра реакција од претседателот на културниот клуб „Никола Вапцаров“ во Бугарија откако му го одбиле барањето за регистрација на истоименото Здружение. Атанас Мазнев најави дека оваа одлука ќе ја обжали пред суд но стравува од притисоци бидејќи на здружението му е ускратена легитимноста.

Агенцијата за регистрација реагира политички, на нашето законско барање, за регистрација на културен клуб и поради таа причина, тоа решение на агенцијата ќе го обжалиме пред суд, и се надеваме дека надлежните ќе реагираат од гледна точка на Законот, а не политички. Притисоците се сведуваат на тоа што е направено првично со решението на Агенцијата, кога е отфрлено барањето. На тој начин ние сме нелегитимни, ние сме вон законот па затоа не е исклучена можноста да се предизвикаат видливи реакции од народот – вели Мазнев.

Во одбивањето е цитиран членот 12 од Уставот на Бугарија кој гласи дека „здруженијата на граѓани не можат да поставуваат политички цели и да вршат политички активности“. Мазнев е дециден дека овој член, не само што го запазиле,  туку и дополнително напишале експлицитно во статутите дека нивното здружение нема за цел вршење политичка дејност.

Во Македонија се отворија бугарските клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, а во Бугарија македонскиот клуб „Никола Вапцаров“. Во двете земји ова се доживува како провокација и на отворањето на клубовите имаше протести. За разлика од Бугарија, која врши притисоци на тие што отвориле македонски клубови таму, Македонија се уште нема направено ништо за да се променат спорните имиња на клубовите, кои предизвикаа гнев кај јавноста.

Клубот во Битола и клубот во Охрид, треба да ги сменат имињата најдоцна до 16 февруари, но претседателите до сега не покажале таква амбиција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста