Капитенот на Бугарија меша политика во спортот: Јасно е дека ќе има тензии, тоа е повеќе од натпревар за Македонците

Јасно е дека ќе има тензии, Македонија на ова гледа како нешто многу повеќе од натпревар -капитенот на Бугарија, Кирил Десподов во обид да фрли политичка дамка на натпреварот во Скопје, уште пред неговиот старт… Вели тие гледале како на обичен меч, додека ситуацијата била сосем различна кај Македонците.  

-Дали утре ќе има тензии? Јасно е дека ќе има, но нас не треба да ни биде гајле што велат новинарите или што кажуваат од надвор. Ние мораме да бидеме уште помотивирани, реков и во Разград, ние го гледаме овој дуел само како натпревар, а тие како нешто многу повеќе. Уверен сум дека ќе дојдеме до позитивен резултат, изјави Десподов на пресот пред овој натпревар.

Ова не е прв пат спортот да се политизира кога се во прашање Македонија и Бугарија, посебно од страна на источниот сосед. Пред првиот натпревар во Разград, политичка конотација на овој меч даде првиот човек на фудбалскиот клуб Славија Софија, кој на прес конференција праша со провокација: од кога ние сме биле држава?

-Северна Македонија, која е таа Северна Македонија, кога станаа држава. Ние ако почнеме од Северна Македонија, Грузија и Гибралтар да стравуваме, дај да го затвориме овој спорт и да играме џамлии. Доволно со тие глупости, изјави во јуни Венцислав Стефанов.

Наспроти провокациите од бугарскиот капитен, ФФМ преку соопштение повика на  фер навивање.

-Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на „Рисовите“ да дојдат до победа на последниот натпревар од групата во Лига на нации. Апелираме на воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање предмети на терен, велат од ФФМ.

Капитенот на Македонија Стефан Ристовски со летниот хит Васко Жабата пак преку Инстаграм испрати порака за пречек на бугарските фудбалери.  

-Добредојдовте во Македонија… Сега е наш ред европски да ве пречекаме. Напред браќа мои, напиша на Инстаграм капитенот Ристовски.

Она што боде очи пред овој натпревар се и бугарските медиуми. Еден од најчитаните спортски портали кај источниот сосед Спортал.бг, во два свои наслови наместо Македонци не пишуваат Северномакедонци.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста