Камбовски демантира дека е во групата за уставни измени: Прво консензус, па потоа нека ме бараат – власта не отстапува

Прво нека обезбедат консензус, после нека ми се јават – поранешниот претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски демантира дека е ангажиран во работните групи за уставни измени. Усвојување на нови амандмани во највисокиот правен акт според него не е шега за која попатно ќе се измисли варијанта како да се изведе, туку строго пропишана постапка. Она што ќе го го прават таканаречените работни групи, треба да биде работа на собраниската Комисија за уставни прашања.

„Јас не знам што би работела таа експертска група. Ќе расправа и ќе испраќа предлози. До кого? Целата работа е наопаку поставена. За уставни измени треба првин да има политички консензус, согласност од парламентарните партии дека треба да се случат, во ситуацијава, за внесување на нови заедници во Преамбулата. Откако ќе се изгласа тој консензус, претседателот ја свикува Собраниската комисија за уставни прашања и таа почнува да заседава и да работи. Таму треба да стигнуваат предлозите. Ако на членовите на Комисијата им е потребна помош, тогаш тие одлучуваат да повикаат експерти“, го кажува Камбовски редот на нештата, односно како се менува Устав – вели академик Владо Камбовски, за СДК.

И покрај алармот на познавачите, дека прво треба да има консензус, а дури потоа да се организира расправа на експертско ниво, Владата веќе почна да ги формира работните групи. Во понедленик истекува рокот за номинирање на експерти и претставници од институции и политички партии.

Мислам дека е многу попрактично, поодговорно и подобро и за државата и за граѓаните да земат учество сите политички партии, да не се плашат и да земат учество. Бидејќи и јавно ги изнесоа ставовите, тие ставови да ги соочиме во работната група и да видиме дали можеме да дојдеме до едно заедничко решение, најдобро решение и да изградиме еден македонски модел за вградување на овие три заедници кои се заинтересирано да влезат во преамбулата на Уставот. Сметам дека на тој начин ќе се демистификува процесот повеќе отколку ако го задржиме на ниво на дневни изјави и политички препукувања. Ние постапуваме одговорно, ја поставуваме масата за разговор и ги каниме сите да седнат и да разговараме – вели Маричиќ.

Но на патот кон ЕУ, не се пречка само уставните измени туку домашните задачи кои мора да ги исполниме. И покрај тоа што владата декларативно се залага за борба против корупцијата и владеење на правото, состојбата во македонското општество е загрижувачка. За потребните реформи Маричиќ зборуваше и со неговата српска колешка, министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ. По потпишувањето на Меморандумот за соработка, Маричиќ и Мишчевиќ се согласија – Македонија и Србија како земји аспиранти за ЕУ има што да учат една од друга. Меморандумот за соработка во делот на евроинтеграциите ќе се однесува на размена на искуства, знаења, информации, практики на патот кон ЕУ.Претходно двете влади потпишаа договори и за соработка во областа на енергетиката, транспортот економијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста