Кал измешана со тешки метали се исфрла непосредно до заштитната зона на изворите Рашче

Кал и отпад кои содржат тешки метали се исфрлаат непосредно до заштитната зона на изворите Рашче од каде вода пијат половина милион Скопјани.

Во местото Калиште, во општина Јегуновце, на само 500 метри од првите куќи, веќе неколку дена се транспортира талог од пречистителната станица за загадените води на некогашен „Југохром“, проект договорен меѓу Министерството за животна средина и фирмата Езотекс.

  • „Уште најмалку една недела камионите на ЕЗОТЕКС ќе го истураат отпадот од пречистителната станица на ЈУГОХРОМ на оваа локација викана „Калиште“. За тоа си ископале и базен длабок неколку метри.“

Откако од општината Јагуновце ги забележале камионите веднаш пријавиле бидејќи земјиштето е државно, па Инспекторите од Животна средина излегле на терен. Ги уверувале локалните власти дека самото Министерство ја одбрало локацијата и дека отпадот не е штетен.

Освен жителите на Јeгуновце, загрижен за исфрлањето на овој отпад е и градоначалникот Димитар Костадиноски. За Алфа вели врзани ми се рацете директно да го спречам истурањето на отпад бидејќи се работи за државно земјиште, а и немаме информации, освен тие од Министерството и Инспекторатот за животна средина дали и колку овој материјал е штетен и опасен по изворот и локалните жители.

  • „По нивните искажувања, тие презентираа дека пречистителната станица го прочистува тој шестовалентен хром или тие материи коишто де останати од работењето на поранешен ЈУГОХРОМ,  со тоа што сега во мометов чистителната станица била полна со тие отпадни води или тој густ талот што е останат внатре и мора да се испразни, а за да се испразни единствено место и локација на кои они се повикуваат за да ја однесат оваа суровина е местото викано Калиште“ вели во изјава за Алфа, градоначалникот Костадиноски.

Првиот човек на Јегуновце тврди дека ќе ги разгледаат сите можности за да го спречат истурањето на овој материјал особено ако е штетен.

  • Да сега по состанокот ќе се видам со правната служба на општина Јагуновце и со Упатството и известувањето што ни го достави Министерството што следува и ќе поднесеме жалби, поплаки и претставки до сите надлежни институции за да се утврди дали овој отпад реално е штетен или не за изворот Рашче и жителите на општина Јагуновце“ вели Костадиноски.

Од полицијата потврдија дека вчера на лице место бил фатен 57-годишник кој работи во фирмата „ЕЗОТЕХ“ како од специјализирано возило истура отпаден материјал во заштитена зона

  • Известени се Министерството за животна средина и локалната самоуправа од општина Јегуновце и се работи на расчистување на случајот“ стои во Извештајот на МВР.

Алфа постави прашања до Министерството за животна средина – кој дозволил да се фрла отпад непосредно до заштитената зона на изворите Рашче и дали во прашање е доведена безбедноста на водата во Скопје. Одговор се уште нема.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста