Како се доведовме до ваков катастрофален предлог?

Францускиот предлог беше понижување и потценување, а Македонија е влезена во геополитичка игра на големите сили неподготвена – критикуваат експертите. Но како стигнавме до тука, е прашањето? Според поранешниот дипломат Јован Донев, тоа се должи на несериозниот пристап на дипломатијата и недостатокот на патриотизам, а надворешната политика сега е само инструмент на владејачките партии.

Кога немате дипломатија, немате сериозни аналитички служби, имате недостаток на патриотизам, тоа ќе ви се случи. Не можете да се однесувате како да не гледате ништо, во услови на геополитичка криза, во војна, треба целиот гард да ви биде дигнат, сите служби да ви работат 24 часа. Но ние не следиме геополитика, не следиме што се случува во светот, и какви реперкусии може да има по мала земја како што е нашата, и по втор пат, за 3 4 години, по втор пат влегуваме во геополитичка игра на големите сили, неподготвени – вели Донев.

Договорите кои ги потпишувавме со соседите, прифаќањето на речиси се што ќе биде побарано од нас, молкот на политичката елита за клучни прашања – придонесоа европските челници да понудат решение за македонско-бугарскиот спор со кое не се согласуваше речиси никој од експертската фела. Според Донев, ова се сериозни причини за итни реформи во македонската дипломатија.  

Во бурата критики за погрешните политики и попустливоста на власта, експертската јавност не ја поштеди ниту Европската унија. Прифаќањето на ваков предлог, ќе значеше модерен егзодус.

Ова беше и е Македонија, со македонски идентитет и македонски јазик и култура, можеби сме мали и сиромашни за разлика од другите земји членки, но тоа не значи дека треба да ни прават ваков модерен егзодус на еден цел народ. Каква европска вредност покажуваат Европјаните? За жал се наоѓаме во крајно непријатна ситуација и политички предизвик што може да има несогледливи последици – вели Попоска Треневска.

Експертската јавност е одамна гласна во критиките за начинот на кој власта го води дијалогот со Бугарија. Попусти беа укажувањата дека преговорите со Бугарија треба да се прекинат бидејќи барањата од источниот сосед веќе неколку пати до сега ја преминаа рамката, а предлозите кои ги нудат европските челници како наводно решение, само го поткопуваат македонскиот идентитет.

Адријана Алексиекса

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста